Хрватскиот скијачки сојуз (ХСС) и сите негови членови беа исфрлени од летниот камп во Цермат, Швајцарија. Швајцарците тврдат дека ХСС мамеле и ги прекршиле прописите таму.
Цермат годинава ги забрани тренинзите за сениорите и им дозволи само на скијачите од јуниорската конкуренција.
Маркус Хаслер, извршен директор на компанијата што управува со ски-центарот, ја објасни целата ситуација.
- Хрватите ни нарачаа патека за тренинзи за јуниорите. Но, при проверката, откривме дека меѓу овие јуниори има спортисти што веќе се натпреваруваат во европските купови и затоа имаат елитен статус. Бидејќи нè измамија, веднаш ги избркавме од тренинзите и нема да дозволиме ниту хрватските јуниори да тренираат со нас летово – најави Хаслер.