Три месеци по неговото назначување за технички директор во ФФМ за развој на младинскиот фудбал, Ѓорги Христов, на брифинг излезе со свое видување за досегашната работа.

  • Оваа функција носи голема одговорност, но и привилегија. Од првиот ден сум присутен на терен, заедно со колегите, постојано следејќи ги натпреварите и развојот на младите фудбалери низ државата, изјави Христов.

Покрај Христов, Артим Шаќири и Сашо Милошевски се назначени како координатори за категориите од 2007 до 2012 година. Тие го следат секое дете, ќе бидат директна поддршка за селекторите и ќе обезбедат квалитетна анализа за секоја генерација.

Новитет во системот е и воведувањето на видеоанализа – област што досега воопшто не беше дел од младинските селекции.  Ангажирани се поранешните репрезентативци Никола Глигоров и Филип Ивановски, кои ќе го подигнат нивото на подготовка и детална анализа на играта.

Посебно внимание се посветува на Детската лига, како основа за фудбалскиот развој.

  • Децата на таа возраст се како сунѓери – сè прифаќаат. Затоа, воведовме нови правила со цел тие да играат „фудбал по земја”, од „нога на нога”, да научат да ја изнесат топката организирано, а не сè да зависи од тоа дали голманот ќе центрира до другиот крај на теренот. Сакам да создаваме фудбалери кои размислуваат на теренот, истакна поранешниот македонски репрезентативец.

Исто така, Христов посочи дека секој стручен штаб на селекциите е составен од 4 до 5 лица од различни региони од Македонија, со што ќе се добие потврда дека ниту еден потенцијален талент нема да биде изоставен.

  • Имаме таленти тука, во Македонија – прекрасни деца, вредни, посветени. Затоа и нашата главна концентрација мора да биде тука. Но, тоа не значи дека нема да ги следиме децата со македонско потекло надвор од земјава. Напротив, сите што имаат квалитет и можат да направат разлика на натпреварите, се добредојдени. Единствениот критериум е квалитетот, посочи Христов.

Во минатото голем проблем била и состојбата со Академијата на ФФМ, каде што речиси и да нема извадено некои поголеми фудбалски имиња.

  • Ако Академијата функционираше како што треба, денес немаше да селектираме повеќе од 150 деца од терен. Фактот дека тие деца не се натпреваруваат во официјален систем е парадоксален. Академијата треба да биде пред репрезентативна селекција, а реалноста е далеку од тоа. Веќе две години тие немаат одиграно ниту еден натпревар и искрено, не гледам смисла да продолжиме во истата форма. Ќе видиме каква ќе биде одлуката, но вака – не оди. Во секоја генерација сакаме да имаме база од најмалку 30 деца со сличен квалитет. Само така можеме да создадеме вистинска конкуренција – најдобрите против најдобрите, истакна Христов и откри дека претходните селектори биле под голем притисок при изборот на репрезентативци.
  • Селекторите во минатото беа под голем притисок, им се вршеше тортура при изборот на фудбалери и тоа од највисокиот врв. Отсега, ако некој селектор е под таков притисок или тортура, тој веднаш ќе ме информира, а јас ќе ја информирам јавноста, заврши поранешниот репрезентативец.

(М.С.)

ИЗДВОЕНИ