По повод Меѓународниот ден на аутизмот, ќе биде завршен еколошкиот инклузивен проект „Хотел за инсекти“, кој ќе биде претставен во вторник во 10:30 часот, во Зоолошката градина, каде што ќе се постават и изработените творби од учениците, a тоа се хотели за инсекти.
– И инсектите како и луѓето си имаат свои услови и свои потреби како треба да бидат направени тие живеалишта. Материјалите што ги користевме беа погодни за нив: дрвени подлоги, плитки гајби, цевки од трска или од бамбус, шишарки, струганици од дрво, глина… Внатрешноста на хотелите се заштита од ветар, дожд и од снег, како безбедно би можеле да се гнездат тие и да го одгледуваат своето потомство. Од предната страна ги покривме со жичена мрежа за да бидат заштитени од предаторите како што се птиците – објаснуваат од Националната галерија на Македонија, која го реализира проектот.
Оттаму додаваат дека направените хотели се поставуваат напролет, кога инсектите најмногу се движат и бараат место за хибернирање, одмор или размножување. Очекуваат дека првите станари ќе се вселат многу брзо и дека ќе бидат, како што велат, во својот хотел од соништата.
Покрај поставувањето хотели за инсектите, ќе биде презентиран и прирачникот за инсекти што го изработија студентите од Машинскиот факултет, на отсекот за индустриски дизајн.
– Промените во природата предизвикани од човекот не само што им отежнуваат на инсектите да најдат храна туку и, покрај нивната мала големина, како дивите пчели и бубачките, сè почесто имаат проблем да најдат места за гнездење. Ако се земе предвид дека околу 80 проценти од дивите растенија и повеќе од 150 важни култури зависат од опрашувањето на инсектите, овие засолништа се од исклучителна важност. Оттаму изградбата на хотели за инсекти во последниве години е сè популарна – наведуваат од Националната галерија на Македонија.
Оваа година како и сите претходни, Националната галерија на Македонија организира проекти што се значајни не само за подигнување на јавната свест за лицата со аутизам туку и за подигање на колективната свест и одговорност за управување со природата воопшто.
Работилниците се инклузивни и во нив учествуваа учениците од повеќе училишта: ОУ „Невена Георгиева- Дуња“, ОУ „Свети Климент Охридски“, ДСУ за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“, како и студентите од Машинскиот факултет, од отсекот за индустриски дизајн.