ХОРОР НА ХАИТИ – ОСАКАТЕНИ ТЕЛА РАСФРЛАНИ ПО УЛИЦА: Бандите презедоа контрола/ВИДЕО

564
EPA-EFE/Johnson Sabin

Во побогатиот дел на главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс, се случи нов напад на банди. Десетина осакатени тела се расфрлани по улица, а пријавено е дека бил нападнат и дом на судија.

Многумина ваквиот напад го толкуваат како порака испратена до елитата која од почетокот на немирите и оставката на премиерот Ариел Анри, сака да ја преземе власта.

„Порт-о-Пренс е во состојба на паника“, изјави еден од сведоците на немирите.

Извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, ја нарече ситуацијата на Хаити ужасна и го спореди беззаконието со пост-апокалиптичниот филм „Лудиот Макс“.

Според проценките на ОН, околу 3.000 трудници се изложени на ризик да се породат без соодветна здравствена заштита поради затворањето на голем број болници, а многумина, вклучително и младите родители, сакаат да ја напуштат земјата.

Немирите што ги спроведуваат бандите им го отежнуваат нормалното функционирање на болниците, вклучително и болницата во градот Кап Хаитиен, каде пратките со лекови и опрема се поретко доаѓаат, пишува Би-Би-Си.

Според сведочењето на лекарот, многу луѓе не стигнуваат навреме во оваа болница, или поради недостаток на пари, или поради нередите.

Потребна е хуманитарна помош низ целата земја. Основните потреби како вода, храна и безбедни засолништа се потешко се наоѓаат, додека населението стравува од понатамошни ескалации.

Во Порт-о-Пренс, Фара Оксима и нејзините девет деца беа принудени да го напуштат својот дом. Тие се само дел од повеќе од 360.000 раселени лица.

„Не знам што да правам, гледам како сè околу нас пропаѓа. Само Господ може да го промени ова место“, изјави Оксима.