Ред Бул влегува во нова ера по заминувањето на Адријан Њуи и Џонатан Витли, но Кристијан Хорнер останува оптимист дека тимот има капацитет да го продолжи успехот во Формула 1.
Адријан Њуи, техничкиот гениј на тимот, го напушти Ред Бул на Големата награда на Мајами во 2024 година за да работи на проектот за хиперавтомобилот RB17, пред да биде официјално потврдена неговата преселба во Астон Мартин.
Од друга страна, Џонатан Витли, долгогодишен спортски директор, одлучи да ја преземе улогата на директор на тимот во Ф1 проектот на „Ауди“. Секако, поради трансфер правилата ќе мора да почека една година пред да почне со работа.
Двајцата гореспоменатите одиграа клучна улога во доминацијата на Ред Бул во ерата на Себастијан Фетел (2010-2013) и Макс Верстапен (2021-2024), а многумина веруваат дека нешто такво ќе биде тешко да се повтори без нив, но Хорнер мисли сосема поинаку.
- Адријан отиде во Мајами и оттогаш работи на проектот RB17, така што не беше вклучен во проектите во Ф1. Се разбира, тажно е да се гледаат како заминуваат, но имаме сила и искуство во тимот што нè прави отпорни, порача Хорнер.
Хорнер исто така истакна дека заминувањето на двајцата членови не значи дека Ред Бул е во процес на „реконструкција“.
- Реконструкцијата е премногу суров термин. Ова е еволуција. Заминувањето на овие двајца членови е дел од планот веќе некое време, додаде Хорнер.
Ред Бул Рејсинг, кој минатата година падна на третото место во поредокот кај конструктори зад Мекларен и Ферари, веќе спроведе промени во структурата на тимот. Така, Џанпјеро Ламбијасе, инженерот за трки на Верстапен, е унапреден на позицијата директор на трките, но сепак ќе работи и директно со Верстапен. Додека Стивен Ноулс, поранешен стратешки инженер, ја презеде улогата на шеф на регулативата за спорт.