Денеска холандската десничарска влада официјално побара од Европската комисија да се повлече од заедничката регулатива на ЕУ за правото на азил, како што претходно најави, иако е малку веројатно дека тоа ќе може да го стори тоа, јави Бета.
„Само што ја информирав Европската комисија дека сакаме Холандија да истапи од миграциската политика во рамките на Европа“, напиша министерката за внатрешни работи Марјолеин Фабер на платформата X, пренесоа западните агенции.
Фабер додаде дека е крајно време „Холандија повторно да биде одговорна за својата политика за азил“.
Владата на премиерот Дик Шоф, која беше формирана во јули по долги преговори, е составена од четири десничарски партии, а Фабер е членка на најсилната, крајно десничарска, ултранационалистичка и ксенофобична Партија на слободата (ПВВ) предводена од популистот Герт Вилдерс.
Целта на Холандија, според Фабер, е „драстично да го намали“ бројот на баратели на азил кои влегуваат во земјата.
Таа додаде дека тоа е неопходно за да може Владата да ги исполни своите обврски во областа на станбената политика, здравството и образованието.
Владата минатата недела ја потврди својата намера да се повлече од европските правила за азил, признавајќи во исто време дека има мали шанси да успее, бидејќи ќе бара консензус за да се промени многу деликатната регулатива за која во ЕУ долго време се кршеа копја.
Новиот миграциски пакт на ЕУ беше усвоен минатиот декември со гласовите на сите земји-членки.
Минатата недела, кога беше објавена програмата на холандската Влада, портпаролот на ЕУ, Ерик Мамер, рече „дека генералниот принцип е дека не можете туку така да ја напуштите усвоената правна рамка на ЕУ“.
Со своето барање, холандската Влада го прекршува и принципот владите на ЕУ да ги почитуваат одлуките на нивните претходници.
Во ЕУ има ретки случаи кога некои земји се изземени од заедничките правни рамки, а тоа е случај само со Данска кога станува збор за еврозоната, а со Ирска со Шенген зоната, бидејќи граничи со Велика Британија.
Иако бројот на баратели на азил кои доаѓаат во Холандија е релативно стабилен и со години се движи околу 40,000, земјата има потешкотии во обезбедувањето станови за мигрантите поради мерките за штедење и општиот недостаток на станови.
Поради неколкугодишната заштеда на буџетот, во земјата има само еден центар за регистрација на азил, а стотици бегалци се принудени да спијат на отворено.
Според статистиката на ЕУ, минатата година во Холандија биле поднесени две барања за азил на илјада жители, што е приближно на европскиот просек. Во десет земји од ЕУ овој сооднос е поголем.