Неговото семејство на социјалните мрежи ја објави тажната вест за неговата смрт.
„Со длабока тага ние, неговото семејство, ја објавуваме смртта на човекот и уметник Дејвид Линч. Би ценеле одредена приватност во овој момент. Има голема празнина во светот сега кога тој повеќе не е со нас, како што би рекол, „Внимавајте на крофната, а не на дупката“. Прекрасен ден со златно сонце и сино небо“, се вели во објавата на Фејсбук.
Линч ѝ откри на јавноста дека се бори со сериозни здравствени проблеми предизвикани од долгогодишното пушење. Во последните месеци од животот користел дополнителен кислород за повеќето активности, а како што самиот кажал, предизвик бил дури и кратка прошетка низ собата. „Тоа е како да се шетате со пластична кеса над главата“, ја опишал својата состојба во неодамнешното интервју за People.
Во 2020 година, на Линч му беше дијагностициран емфизем, хронична опструктивна белодробна болест која значително го отежнува дишењето. Режисерот почнал да пуши на осум години, а цигарите станале нераскинлив дел од неговиот идентитет како уметник и режисер.
„Го сакав мирисот на тутунот, вкусот на тутунот. Сакав да палам цигари. Тоа беше дел од моето битие како сликар и режисер“, призна Линч. Дури две години по неговата дијагноза, кога сфатил дека животот му виси на конец, конечно се откажал од пушењето.
Неговиот последен голем проект беше Twin Peaks: The Return од 2017 година, кој доби одлични критики. Линч останува еден од највлијателните филмаџии на неговата генерација, со дел од ремек-делата како што се Eraserhead, The Elephant Man, Blue Velvet и Mulholland Drive.
Доби три номинации за Оскар за најдобра режија (за Blue Velvet, The Elephant Man и Mulholland Drive), а во 2019 година доби почесен Оскар за животно дело. Тој ја освои и Златната палма на Канскиот филмски фестивал за „Wild at Heart“ во 1990 година.
Дејвид е роден во Мисула, Монтана на 20 јануари 1946 година. Неговиот татко, Доналд Волтон Линч, бил истражувачки научник кој работел за Министерството за земјоделство на Соединетите Американски Држави, додека неговата мајка Едвина Линч (моминско Сандхолм), по прекар Сани, била професорка по англиски јазик чии предци дошле во САД од Финска во 19 век.
Линч бил воспитан како презвитеријанец. Поради работата на Доналд, семејството Линч постојано се преселувало во различни области на САД. Коментирајќи го својот ран живот, Линч изјави: „Светот ми беше фантастичен како дете. Се разбира, имаше вообичаени стравови, како одење на училиште… За мене тогаш училиштето беше злосторство против младите. Тоа беше уништување на самите основи на слободата.Наставниците не беа доволно позитивни“.