Холандија ќе ѝ плати на Романија 5,8 милиони евра доколку не ги врати артефактите од музејот Дренте

59
Фото:википедија

Холандија ќе мора да ѝ плати на Романија отштета од 5,8 милиони евра доколку не бидат вратени романските артефакти украдени минатиот месец од музејот Дренте во северниот град Асен, соопшти холандското Министерство за образование, култура и наука.

Украдените артефакти се осигурани на 5,8 милиони евра, а целата колекција од 673 предмети вреди повеќе од 30 милиони евра, пренесува NL Times.

Истовремено, холандската влада гарантираше нешто повеќе од девет милиони евра, што е 30 отсто од вкупната осигурена вредност.

Тоа значи дека во случај на кражба, губење или оштетување на експонати, државата е делумно одговорна и мора да ја надомести штетата.

Бидејќи осигурената вредност на четирите украдени предмети е помала од 9 милиони евра, осигурителната компанија на музејот не е обврзана да обезбеди обештетување.

Холандија, исто така, мора да плати компензација доколку се најдат романските артефакти, но се оштетени.

Весникот наведува дека ова е можеби првпат холандската влада да мора да плати толку голема компензација откако почна да презема такви ризици во 1989 година.

Холандија до денес платила вкупно осум илјади евра отштета за штети предизвикани на уметнички дела.

Минатата година Владата даде гаранции за речиси 469 милиони евра за уметнички дела позајмени на 13 холандски музеи.

Ноќта на 24-ти и 25-ти јануари, крадци, користејќи експлозив, упаднале во Историскиот музеј Дренте и украле четири експонати – три нараквици и златен шлем од периодот 450 година пред нашата ера од изложбата „Дакија – империја на златото и среброто“.

Напаѓачите упаднаа во музејот кревајќи ја во воздух вратата и крадејќи предмети позајмени од Националниот историски музеј на Романија.

Холандската полиција соопшти дека уапсила три лица за кражбата, но дека украдените артефакти се уште не се пронајдени.

Ниту еден од тројцата уапсени не е Романец, рече романскиот министер за внатрешни работи Богдан Деспеску на прес-конференција.

Холандската полиција посочи дека се можни дополнителни апсења.

Романската влада формираше комисија за враќање на артефактите украдени од музејот Дренте, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ