Осминафиналниот натпревар меѓу Германија и Данска (2:0) во Дортмунд беше прекинат во 35. минута, поради лошото време. Англискиот судија Мајкл Оливер реши да ги повлече играчите од теренот поради невремето.
Подоцна се дозна дека го направил тоа на инсистирање на селекторот на Данска, Каспер Хјулманд, а набрзо стана јасно и зошто.
Хјулманд пред 15 години беше помошник-тренер на Нордсјеланд. Клубот од истоимениот град играше против Хвидовр и во текот на натпреварот започна невреме и гром го погоди играчот на Нордсјеланд, Џонатан Рихтер. Неговото срце застана, по што лекарите едвај го оживеаја. Тој остана во индуцирана кома 10 дена. Меѓутоа, лекарите мораа да му ја ампутираат левата нога, од коленото надолу, за да преживее.
- Не знаевме дали ќе преживее или ќе умре, никој од нас не знаеше како да реагира. Не знаевме дали ќе ги славиме головите на следните натпревари, дали ќе се смееме или ќе плачеме – изјави тогаш Хјулманд, кому му се вратила сликата од таа немила сцена на натпреварот против Германија.
Рихтер денес има 39 години и е во раководството на данскиот нисколигаш Гресродерн.