На шефовите на Хитроу не им беше лесно во последните денови, доживувајќи вистинска криза по чудната ситуација во петокот што резултираше со затворање на најголемиот аеродром во Европа и откажување на илјадници летови. Во саботата, истражителите ги испрашуваа директорите на аеродромите за да склопат што точно се случило откако избувна мал пожар во блиската трафостаница.
Истрагата за катастрофата ја води и антитерористичка полиција, додека извори од британскиот парламент укажуваат на човечка грешка. Севкупно, речиси 300.000 патници беа погодени од овој инцидент и хаосот во воздушниот сообраќај, што доведе до откажување или одложување на повеќе од 1.350 летови.
Приближно 120 прекуокеански летови беа принудени да се вратат на сред лет. Патниците на летовите од Сингапур и Перт биле пренасочени кон Париз, а потоа со автобуси биле префрлени во Лондон. Затоа, не е изненадувачки што аналитичарите го критикуваат најпрометниот европски аеродром поради неговата неможност да се потпре на резервните извори на енергија.
Вили Волш, генерален директор на глобалната асоцијација на авиокомпании ИАТА и поранешен шеф на Бритиш Ервејс, рече дека Хитроу повторно ги изневерил патниците.
„Прво, како е тоа критичната инфраструктура – од национално и глобално значење – е целосно зависна од единствен извор на енергија без алтернативен извор? Ако е така – како што изгледа дека е случај – тогаш тоа е јаен планерски пропуст на аеродромот“, рече Волс.
Фил Хјуит, директор на компанијата анализа на енергијата Монтел Груп, додаде: „Овој потенцијален недостаток на отпорност на критичните национални и меѓународни инфраструктурни капацитети е загрижувачки. Аеродром толку голем и важен како Хитроу не треба да биде ранлив на ниту една точка на дефект“.
Хитроу има своја електрана на биомаса и резервни генератори на дизел, но тие можат да ги напојуваат само основните безбедносни системи, како што се осветлувањето и излезните врати. Струјата за овој голем аеродром со 5 терминали обично доаѓа од три трафостаници, од кои секоја има резервен трансформатор. Но, овдесе случи тоа да и резервната трафостаница беше уништена во пожар што избувна во четвртокот нешто пред полноќ. Неколку часа подоцна почнаа да кружат теории дека се работи за саботажа. Дури се зборуваше дека зад се стои Русија, но се чини дека во моментов нема основа за такви теории. И покрај вмешаноста на службите за борба против тероризмот, Скотланд Јард рече дека „не го третираат овој инцидент како сомнителен, иако истрагата се уште е во тек“, рече портпаролот на полицијата.
Порталот Политико, пак, пишува дека грешка на електричар го предизвикала пожарот, повикувајќи се на извори блиски до истрагата. Пожарникарите велат дека се верува дека пожарот настанал ненамерно, што би потврдило дека се работи едноставно за човечка грешка. Изразувајќи длабоко извинување до јавноста и сите засегнати, извршниот директор на Хитроу, Томас Волдбај, рече дека аеродромот е соочен со најлошата можна ситуација. Тој објасни дека морале повторно да го поврзат системот за да користат струја од другите две трафостаници, но дека било потребно многу долго време за да се постигне тоа бидејќи сето тоа вклучувало рестартирање на илјадници различни системи.
Британската влада, исто така, има многу прашања до шефот на аеродромот, бидејќи секој ден затворен Хитроу ја чини Велика Британија 20 милиони фунти. Покрај тоа што превезува стотици илјади патници, овој аеродром е и влезна точка за 4.300 тони товар дневно, во вредност од 543 милиони фунти.
„Нема сомнеж дека има прашања на кои треба да се одговори како тоа можело да се случи и што може да се направи за да се спречат слични нарушувања во иднина“ рече портпаролот на британската влада рече.
Извршниот директор на Бритиш Ервејс, Шон Дојл, предупреди дека нивните услуги ќе бидат сериозно погодени во наредните денови, бидејќи повеќе од 100.000 патници на 670 летови не можеа да летаат и во саботата.
Пожарот избувна еден ден откако енергетскиот регулатор Ofgem објави инвестиција од 4 милијарди фунти во плановите за зајакнување на британска електро мрежа по голем притисок. Градскиот извештај за 2022 година покажува дека трафостаницата Норт Хајд, во некои точки, работела со 106,2 отсто од својот номинален капацитет.
Д-р Конор Марфи, од фирмата за анализа на мрежата НовоГрид, рече дека преоптоварените трансформатори се честа причина за пожари на трафостаниците. „Опремата што се лади со масло во трафостаниците како оваа претставува инхерентни ризици од пожар, особено поради застарената инфраструктура или преоптоварените системи. Целосните прекини на аеродромот поради прекин на електричната енергија се исклучително ретки. Овој инцидент ја нагласува пошироката ранливост на мрежата“, рече Марфи.