Лондонскиот аеродром Хитроу соопшти дека ќе биде затворен денеска до полноќ по прекинот на струја предизвикан од пожар во блиската електрична трафостаница што го снабдува аеродромот.
„За да ја одржиме безбедноста на нашите патници и колеги, Хитроу ќе биде затворен до 23:59 часот на 21 март“, објави аеродромот Хитроу на платформата X, додавајќи дека на патниците им се препорачува да не доаѓаат на аеродромот.
Според податоците на OAG, Хитроу минатата година бил вториот најфреквентен меѓународен аеродром во светот, зад Дубаи.
Експертот за патувања Пол Чарлс вели дека трошоците за Хитроу и авиокомпаниите веќе се милионски – и предупредува дека тие веројатно ќе продолжат да растат.
Чарлс изјави за SkyNews дека проценува дека трошоците за бројни авиокомпании и самиот Хитроу ќе бидат помеѓу 20 и 30 милиони фунти.
Тој ја споредува моменталната ситуација со последниот пат кога аеродромот бил затворен на подолг период – во 2010 година поради облак од пепел по вулканска ерупција на Исланд, но забележува дека сегашните трошоци не треба да ги достигнат тогашните размери.
„Причината зошто во 2010 година трошоците достигнаа речиси 300 милиони фунти беше поради тоа што голем дел од европскиот воздушен простор беше затворен“, рече тој.
„Овој пат еден голем аеродром е затворен, но не и целиот воздушен простор“, додаде тој.
„Очекувам трошоците да бидат помали, но само под услов Хитроу да се врати и да работи во рок од 48 часа“, додаде Чарлс.