Хит комедијата „Вечерва сме сами“, во која Семир Гичиќ и Наташа Аксентијевиќ со својата маестрална игра освојуваат публика низ целиот регион, ќе биде прикажана и во Скопје! На 26 април, љубителите на добриот хумор ќе имаат можност да ја гледаат оваа урнебесна претстава во Националната опера и балет.
Ова е динамична и духовита комедија која на забавен, но истовремено и длабок начин, ја прикажува комплексноста на љубовните односи. Преку препознатливи животни ситуации, неочекувани пресврти и духовити дијалози, публиката ќе ужива во приказна што ќе ја насмее, но и ќе ја натера на размислување.
„Вечерва сме сами“ го доловува балканскиот менталитет, каде човек често прифаќа сè она што, декларативно, никогаш не би прифатил. Специфичноста на ова тло е што и прифаќањето и неприфаќањето се подеднакво погрешни. А најтешко е да се убедиш самиот себе дека твојот живот навистина се случува, а не е туѓа лоша шега. Кога човек мисли дека нешто завршило, тоа дури тогаш почнува. Кога поверува дека разбрал, токму тогаш е изигран – по којзнае кој пат!
Оваа претстава носи приказна за љубовниот живот на двајца луѓе чии односи се нишаат помеѓу страсна љубов и немилосрдни судири. Преку одличната игра на Гичиќ и Аксентијевиќ, гледачите ќе се препознаат во комичните, но и реални сцени, кои ќе ги потсетат дека животот секогаш носи неочекувани пресврти.