Хит-дестинација за романтични свадби: Магичниот Пераст – минијатурно приморско гратче што живее преку целата година

225

За многумина, малиот Пераст, долг малку повеќе од километар и широк стотина метри, е најубавиот град на Јадранот. Куќите на кои повеќе им прилега зборот „палати“ и чиј надворешен изглед не смее да се менува, живописните храмови од кои два се на островчињата среде море, неколкуте улички поплочени со излижан камен, опцијата да се ужива во кафенце на неколку чекори до блескавото море обрабено со планини – маѓепсува од прва. И ништо не може да ѝ биде одземено на магијата, па и тоа што овој приморски град нема плажа

 

Туристичката сезона на Црногорското Приморје одамна заврши, но Пераст никогаш не заспива. Минијатурното гратче со помалку од 300 жители, едвај подолго од еден километар и широко само 100 метри, вгнездено во волшебниот Бокакоторски Залив во близина на Котор, живее со гости преку целата година.

Пераст, иако помал од село, е вистински град. Бил населен уште во неолитот, но она што се гледа денес е дело на вдахновените архитекти, кои во 17 и во 18 век граделе раскошни барокни зданија по налог на богатите поморци и благородници, кои ѝ придавале големо значење на културата. Куќите на кои повеќе им прилега зборот „палати“ и чиј надворешен изглед не смее да се менува, живописните храмови од кои два се на островчињата среде море, неколкуте улички поплочени со излижан камен, опцијата да се ужива во кафенце на неколку чекори до блескавото море обрабено со планини – маѓепсува од прва. И ништо не може да ѝ биде одземено на магијата, па и тоа што овој приморски град нема плажа.

Самиот влез во Пераст е импозантен. Во градот се забранети автомобили, освен оние на жителите и за дотур на стока, па посетителите ги оставаат на двата паркинга над градот. Но, речиси секогаш паркинзите се полни, па автомобилите се наредени по работ на сообраќајницата. Така беше и кога го посетив Пераст во октомври. Патот до градот пеш води преку тесни, стрмни, изабени и разнишани скалички. Движењето е тешко, изгледа и малку опасно, но утешна награда е погледот од милион долари на блескавото море, островчињата со цркви, портокаловите покриви, високата камбанарија на храмот „Свети Никола“, која доминира во местото. Има и друга опција да се влезе во градот. Ако не сака некој да ја искуси авантурата со скалите, може да земе едно од електричните возила со кои се превезуваат туристите и гостите во хотелите.

Двете островчиња со црковни објекти само го надополнуваат шармот што го има Пераст на тони. Многу туристички магазини ги вбројуваат овие два острова, Свети Ѓорѓе и Госпа од Шкрпјела, меѓу петте места во светот што мора да се посетат. До нив се стигнува со бротчиња, за кои секогаш се чека ред. Островот Свети Ѓорѓе е природен и може да се види само оддалеку, зашто е забранет пристап на него. Таму се бенедиктанскиот манастир, кој датира од 12 век, и гробиштата на угледните жители на Пераст. Но, римокатоличкиот храм „Госпа од шкрпјела“ на истоимениот вештачки остров, кој оддалеку плени со куполата во тиркизна боја, е отворен за посетители во секое време. За овој манастир изграден во 15 век мештаните ќе ви раскажат легенда: двајца браќа рибари, по бродолом, на карпа во морето нашле икона на Богородица, па се заколнале дека ќе изградат црква таму. Фрлале камења во водата сè додека не направиле островче на кое направиле мала капела. Подоцна се носеле уште камења, се фрлале потопени чунови и турски бродови, па површината на островот се проширила до денешните околу три илјади квадратни метри. Сегашната црква „Госпа од шкрпјела“, што во превод значи Богородица од камења, карпи, ја изградиле Венецијанците во 1630 година. Сега таа е еден од најбитните културно-историски споменици на Бока Которска. Црквата е убаво насликана, но посебна атракција е гобленот што го везела извесна Јацинита Куниќ, од 1803 до 1828 година, додека го чекала мажот морнар. Гобленот е специфичен по тоа што Јаницита ја употребила својата коса за некои делови.

А, во морето, покрај островчето, сè уште се фрлаат камења, но сега само за да се зачува традицијата. Настанот се вика Фасинада од Пераст и се одржува на крајот од денот на 22 јули.

Во самиот град доминира римокатоличката црква   „Свети Никола“ со импозантната 55 метри висока камбанарија, на која може да се качите во сезона и да направите фантастични фотографии од Пераст. Во денешниот облик, црквата е изградена во 1616 година, а камбанаријата во 1691 година. „Свети Никола“ е само еден од неколкуте католички храмови собрани во минијатурниот Пераст, во кој има и православен храм – „Раѓањето на Пресвета Богородица“. Храмовите во кои може да се каже судбоносното „да“, надополнети со блескавата убавина на Пераст, кој многумина го сметаат за најубав град на Јадранот, се магнет за младите двојки од целиот свет да дојдат и токму таму да ги создадат спомените од најсреќните мигови во животот.

Свадбите во Пераст не престануваат. При последната посета на градот, видов најмалку четири двојки младенци, кои восхитено правеа фотосесии на зајдисонце, покрај морето и до прекрасните зданија, ги даваа заветите пред украсените влезови на црквите или влегуваа во бротчиња за да ја крунисаат љубовта во романтичната атмосфера на островот Госпа од Шкрпјела, каде што во истоимениот храм, во текот на церемонијата, по нарачка се пушта музика или свират оргули во живо. Во венчаници од тантела, свила или сосема обичен материјал во бела, бордо, сина боја… невести од Велика Британија, Германија, САД…, раздвижени по шеталиштето од едвај еден километар, се стопија со магијата на Пераст. Свадбите со не повеќе од стотина гости продолжија во познатите ресторани и хотели. Во центарот на градот, во ресторанот покрај камбанаријата на „Свети Никола“, се веселеа сватови од Британија. Не можеше да се утне дека се Британци. Идентитетот уште оддалеку им го откриваа необичните шапки на дамите, во согласност со нивните обичаи. Во православниот храм, пак, високата ограда и затскриената тераса овозможуваат интима и венчавка од соништата.

А, за фотосесии, не само на младенците туку и на намерниците, соодветен е секој метар од градот, кој од едната страна е обрабен со брдо на кое каскадно се наредени старите камени објекти од кои извира цвеќе и зеленило, а од другата, со триумфот на природата како архитект – блескавото море и живописните планини.

 

Сè во ова место, секој камен, секоја уличка, секоја куќа, секоја расклатена скаличка има своја историја, своја приказна. Најимпозантен објект во градот е раскошната палата „Бујовиќ“ од дамнешната 1694 година, која сведочи за богатството и за славата на ова гратче. Приказната што ќе ви ја раскажат за оваа палата е дека кога биле завршени работите, сопственикот Вицко Бујовиќ го прашал венцијанскиот архитект дали може да изгради уште поубава. Кога тој рекол дека може, Бујовиќ, разгневен, го фрлил од балконот во морето. Сега оваа палата е Музеј на градот Пераст.

Вековниот уметнички, отмен шмек на Перст сè уште не е истрошен, иако раскошните куќи на некогашните благородници сега се хотели или ги имаат луѓе што можеле да платат најмалку три милиони евра за нив. Зборуваат дека една од куќите со поглед на море е на познатиот балкански музичар Горан Бреговиќ.

И кога ќе се изморите од прошетката низ малиот град во кој има многу да се види и да се почувствува, задолжително седнете во еден од локалите на шеталиштето, на ручек или, можеби, на кафе, без разлика кој период од годината е. Само колку да го заокружите задоволството. А, ако ви е малку, возете уште околу 14 километри до блискиот Котор, градот музеј кој е жива културна и историска ризница.

(С.В.)

 

ИЗДВОЕНИ