Цела Србија синоќа ја крена на нозе веста дека тригодишно девојче исчезнало за време на нејзиниот одмор во Грција. Ја пронашол Сашко Радуловиќ, Македонец од Скопје и ја споделил веста на Фејсбук.
– Најдовме 3-годишно девојче изгубено во Неа Флогита кај Филатеки, ако некој ги знае родителите нека не извести – напиша Сашко во групата Грција инфо, а со објавата објави и слика од девојчето.
Објавата беше споделена повеќе од 3.000 пати, беа оставени повеќе од 1800 коментари, а контактирани се безброј луѓе, се со надеж дека девојчето ќе биде вратено кај родителите што е можно поскоро. Сашко повикал полиција, која дошла за околу еден час по објавата и го однела девојчето во полициската станица во Неа Мудања.
За тоа време Србија ги бараше родителите на исчезнатото девојче, а додека многумина зборуваа само за неа, Стефан и Валентина Спасиќ се покажаа како вистински херои. Ги пронашле родителите на девојчето и ги однеле во полициска станица во соседниот град да си го земат детето.
Стефан и Валентина открија како поминала драмата во која се најдоа.
-Девојчето е добро, полицијата ја преземала и ја однела во станицата Неа Мудања за да се увери дека е на безбедно. Разбирливо беше вознемирена, но сето тоа на крајот се исплатеше. Родителите живеат во еден од нашите станови што го изнајмуваме, па лесно можеше да дојдеме до нив штом го видовме и препознавме девојчето на социјалните мрежи – изјави Стефан Спасиќ во моментот кога девојчето и нејзините родители се враќаа во апартманот.
Стефан откри и дека родителите се малку во шок, но се добро:
– Тие беа во шок, да бидам искрен, но сега се добро штом дознаа дека пред се девојчето е добро и на безбедно место – изјави Стефан.
Стефан и Валентина се потрудија да им помогнат на родителите и покажаа дека навистина се вистинските херои на вечерта. На прашањето како се чувствуваат, тој рече дека се добро:
– Добро ни е и ни е мило што на овој или оној начин им помогнавме на родителите – рече тој.
После целата оваа драма, важно е малото девојче да е безбедно со родителите и брат и, и се надеваме дека целото семејство добро ќе го помине остатокот од одморот заедно.