Хемикалијата во запленетата зелка е со мала токсичност за луѓето

688

Пестицидот имидаклоприд, кој беше пронајден во свежата зелка по потекло од Македонија, која беше наменета за хрватскиот пазар, најверојатно е набавен на црниот пазар, бидејќи неговата употреба е забранета, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Токсикологот Нико Беќаровски, пак, вчера посоќи дека се работи за пестицид кој спаѓа во групата на неоникотиноиди и има мала токсичност за луѓето.

– Имидаклоприд  спаѓа во групата на неоникотиноиди и има мала токсичност за луѓето. Имидаклоприд потполно е забранет во ЕУ од 2018 година поради зголемена токсичност врз пчелите. Овој инсектицид врз луѓето има иста или помала токсичност како останатите дозволени пестициди. Имидаклоприд мора да го тргнеме од нашите полиња за да ги заштитиме пчелите, кои се поретко ги гледаме. Јас лично повеќе би јадел зелка прскана со Имидаклоприд, отколку прскана со етиол, децис, ланате, кои, за жал, сè уште ги има во Македонија. Нема научни докази дека Имидаклоприд е канцероген за луѓето. Во Македонија останаа премалку обработливи места со еколошки прифатлива почва и атмосфера, напиша Беќаровски на својот фејсбук-профил.

Инаку ДИЗ треба да го утврди извозникот и за која пратка станува збор.

Според европскиот систем за безбедност на храната, постојат сè повеќе докази дека употребата на имидаклоприд има разурнувачки ефект врз биодиверзитетот, особено на реките и водните патишта, влијаејќи не само на раковите, мекотелите и инсектите, туку и на почвените организми, што доведува и до намалување на популацијата на птици.

 

ИЗДВОЕНИ