Феноменот на неказнивоста, деценски присутен во нашето општество, уште еднаш доведе до трагедија во која животот го изгуби 22- годишната Фросина Кулакова.
Судејќи според информацијата објавена од страна на Обвинителството, станува збор за сторител на повеќе тешки кривични дела од кои едното, исто така е сообраќајна незгода во која едно лице било повредено, а тој и понатаму продолжил да учествува во сообраќајот без да поседува возачка дозвола.
Ваквото провлекување во правниот систем несмонено укажува на пропуст на институциите да превземат соодветни мерки за да се спречи понатамошното вршење кривични дела во сообраќајот.
Се’ уште не се познати сите правни моменти во случајот и причините поради кои што му се овозможило на сторителот, на ваков начин, да го изигрува правниот систем, но тоа е прашање на коешто ќе треба да одговорат органите на прогонот и другите надлежни институции.
Граѓаните повторно се наоѓаат во состојба на правна несигурност, страв и уште повеќе зголемена недоверба во инстуциите и правосудниот систем.
Трагедии од ваков вид треба да делуваат мотивирачки на институциите конечно да преземат неодложни мерки за спречување на влијанијата на корупцијата, кои што патем речено, се главните причини за постоење на неказнивоста во нашиот правен систем. Државата пред се’ и наад се’ треба да презема мерки граѓаните да живеат во општество во кое што институциите треба да им ја овозможат правдата сигурноста и благосостојбата.
Жртвите како младата Фросина се темна дамка и потсетник за тоа дека се’ додека постојат вакви случаи, државата не успеала да им го обезбеди на граѓаните она што им го гарантира со Уставот и законите на Република Македонија.
Хелсиншкиот комитет за човекови права во наредниот период ќе собира информации од надлежните институции и во зависност од констатираната фактичка состојба ќе предложи свои препораки до надлежните органи, стои во соопштението од Хелсиншки комитет за човекови права