Хегсет: Европа мора повеќе да инвестира во својата одбрана

25
EPA-EFE/SHAWN THEW

Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, денеска во Штутгарт, за време на неговото прво патување по преземањето на функцијата, изјави дека на Европа е да „инвестира повеќе“ во сопствената одбрана.

„Европскиот континент заслужува да биде безбеден од каква било агресија, но соседните земји треба најмногу да инвестираат во индивидуална и колективна одбрана“, изјави Хегсет за новинарите по посетата на американските сили во Штутгарт.

Здравиот разум налага да го браните вашето соседство, а Американците ќе ви се придружат да ви помогнат во таа одбрана, додаде Хегсет.

Американскиот секретар за одбрана оваа недела е во посета на две американски воени команди во Германија и треба да присуствува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во среда во Брисел, како и на состанокот на Контакт групата за воена поддршка на Украина.

Итноста на моментот бара пријателите да разговараат меѓу себе за нивните можности, за нивното лидерство, за интензивирање на напорите, за споделување на товарот, рече шефот на Пентагон, пренесува Бета-Франс прес.

Американскиот претседател Доналд Трамп сака земјите од НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана, наведувајќи ја целта од пет проценти од бруто домашниот производ (БДП).

Во Европа постои консензус за потребата од зголемување на воените трошоци, но прагот од пет проценти се смета за нереален. Уделот што самите САД го издвојуваат за одбраната е околу три проценти.

Хегсет оваа недела ќе ја посети Полска, која го презеде ротирачкото претседателство со Европската унија на 1 јануари и планира да потроши 4,7 отсто од својот БДП за одбрана во 2025 година.

Американскиот министер повтори дека Трамп сака да склучи „брз мировен договор во Украина“.

Запрашан за можното распоредување на американските сили во таа земја, Хегсет одговори дека САД нема да испраќаат свои сили во Украина.

ИЗДВОЕНИ