Од Општина Карпош ги известуваат граѓаните дека најавената акција за подигање стари отпадни (хаварисани возила) ќе се спроведе на 10.2.2025 година. Акцијата ќе ја реализира секторот Инспекторат, согласно со Законот за управување со дополнителните текови на отпадот, а во соработка со колективниот постапувач со кој Општина Карпош има склучено договор за соработка.
Општинските власти апелираат сите што поседуваат вакво возило на кое веќе е залепена налепница и е спроведена инспекциска постапка од инспекциските служби, да ги отстранат, во спротивно, ќе бидат отстранети на нивни трошок. Возилата ќе бидат транспортирани во собирен центар – депо, каде што ќе бидат оставени седум дена, а потоа ќе бидат однесени на рециклирање.
Општина Центар продолжува со интензивното отстранување хаварисани возила, ослободувајќи паркинг-места и тротоари. Оттаму велат дека на тој начин се намалува загаденоста и се зголемува безбедноста на јавните површини.
Во последните неколку месеци, од подрачјето на Општина Центар се отстранети 130 хаварисани возила. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика сите навремено да ги пријават или сами да ги отстранат ваквите возила, со што, како што истакна, ќе се придонесе за почист и поуреден град.
Граѓаните можат да пријават хаварисани возила на телефонскиот број 076 350 767. Возилата се транспортираат бесплатно во депото, каде што се врши проценка согласно со откупната цена за старо железо.
Сопствениците имаат рок од две недели да ги отстранат возилата. Доколку не го направат тоа во дадениот рок, Пајак-службата ќе го преземе отстранувањето. Пред тоа, комунален инспектор од Општина Центар ќе залепи опомена на возилото за да го информира сопственикот дека мора да се дислоцира возилото.
(А.П.)