Во текот на денешниот ден продолжи акцијата на Општина Карпош за подигање на стари отпадни ( хаварисани) возила согласно Законот за управување со дополнителни текови на отпад, во соработка со колективниот постапувач со кој Општина Карпош има склучено договор за соработка.
-Подигањето се изврши на територија на урбаните заедници „Тафталиџе 1“ и „Карпош 4“. По многу поплаки на граѓаните кои живеат на територија на УЗ „Тафталиџе 1“ за отпадно возило – бело комбе кое се наоѓаше на улицата „Париска“, број 13, кое со години беше полно со отпад и шут, денеска е отстрането од сообраќајницата од наша страна – информираа од Општина Карпош.
Оттаму, повторно апелираат до сите граѓани кои поседуваат таков тип на возило на кое веќе е залепена налепница и е спроведена инспекциска постапка од страна на инспекциските служби, да ги отстранат своите возила, во спротивно, тие ќе бидат остранети на нивен трошок. Возилата ќе бидат транспортирани во собирен центар – депо, каде што ќе бидат оставени седум дена, а потоа ќе бидат однесени на рециклирање.
Акцијата продолжува до конечно подигање на сите отпадни возила на територија на Општина Карпош.