– Беше еден од ретките со кои можев да анализирам композиции почнувајќи од репертоарот на Шабан Бајрамовиќ, па сè до Пако де Лусија, од Ричард Галијано, па сè до Бени Гудман и Џанго Рајнхард. Андреј особено ја обожаваше хармониката и уживаше во секоја отсвирена нота
Љубителите на модерната градска народна музика добро го познаваат нашиот успешен хармоникаш Мишел Трајковски. Тешко може да се замисли една свирка, еден концерт без неговата хармоника и без неговата виртуозност. И сè почесто се случува тоа кога се во прашање пејачите, неговите колеги од забавната, поп и од рок-музиката. Хармониката станува составен дел од нивните настапи. Така беше и последниве години, со настапите на дуото ДНК. Мишел им стана не само колега со Андреј и Панчо туку и неразделен другар. Трагедијата што се случи во Кочани, во која го загуби својот другар Андреј, предизвика вистински хаос во неговата глава. Страшната вест со која се разбуди тоа неделно утро – сосема го скрши. И десетина дена по тоа, Мишел не може да дојде при здрава свест, здрав разум… болката е силна.
– Најтешкaта и најдолгата болка трае. Стани наутро, напиши нешто, премисли се, прикачи слика, натажи се, па фрли го телефонот во некој ќош, и така во круг веќе цела недела.
Два дена пред тој кобен ден, ете го него на телефон.
Насмеан, позитивен, во свој стил, со енергија, ме викна да се видиме за настанот на кој требаше да настапиме заедно, сега, во април. Отсекогаш се прашував како е можно таков артист како Андреј, и по 20 и кусур години на сцената, да е уште толку возбуден и неизмерно среќен пред секој настап, да ѝ се радува на секоја нова песна како да му е прва. Но, затоа беа и ќе останат на врвот уште долго. Беше еден од ретките со кои можев да анализирам композиции почнувајќи од репертоарот на Шабан Бајрамовиќ, па сè до Пако де Лусија, од Ричард Галијано, па сè до Бени Гудман и Џанго Рајнхард. Особено ја обожаваше хармониката и уживаше во секоја отсвирена нота.
Почивај во мир, другар! А, нашата свирка ќе ја оставиме за некоја наредна пригода. Бог да ги прости сите што трагично го загубија својот живот. Ќе жалиме уште долго.
А, ти, Македонијо, освести се! Право на грешки повеќе немаме – пишува во збогувањето на хармоникашот Мишел Трајковски.