Хаотичен градски превоз, ѓубре до гуша, нефункционални јавни претпријатија, протести во најава…

15

Скопјани дишат загаден воздух, нема автобуси, градот тоне во ѓубре, јавните претпријатија не зеле плати, нема нафта, во најава се протести… Ваква е состојбата во која се наоѓа македонската метропола во моментов. Но, овие проблеми не се од понов датум, а решение за излез од кризата никако да се најде. Освен меѓусебни политички и партиски препукувања и префрлање на вината за хаотичната состојба во која се наоѓа градот, никој конкретно не презема ништо. Прстот е вперен кон градоначалничката Данела Арсовска, која се жали за притисоци од власта

 

Скопјани дишат загаден воздух, редовно нема автобуси, градот тоне во нечистотија, во најава се протести за хаосот во јавниот превоз и за нередовната исплата на плати во некои градски јавни претпријатија… Ваква е состојбата во која се наоѓа македонската метропола во моментов.

Но, овие проблеми не се од понов датум, туку се таложени во изминативе неколку години, а решение за излез од кризата никако да се најде. Освен меѓусебни политички и партиски препукувања и префрлање на вината за хаотичната состојба во која се наоѓа градот, никој конкретно не презема ништо.

На социјалните мрежи, граѓаните постојано пишуваат за несредениот јавен градски превоз, а ниту Град Скопје ниту менаџментот на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) не воведоа никакви мерки досега со кои би се подобрила состојбата. Напротив, таа сè повеќе се влошува, најмногу трпат граѓаните, кои се смрзнуваат на автобуските станици чекајќи автобус, учениците доцнат на часови и, згора на тоа, им се пишуваат изостаноци, бидејќи некои од наставниците не сакаат да ја согледаат состојбата во која се наоѓа јавниот градски превоз, а повозрасните доцнат на работа.

– Навистина срамота за ЈСП. Децата од петто, шесто, седмо и од осмо одделение и од средните училишта, откако измрзнаа чекајќи го автобусот, кој не дојде, беа принудени да се вратат назад, дома. Се работи за автобусот со број „55“, кој не дојде во 7:05 часот во селото Брњарци, а друга линија нема. Кој ќе ги правда сега изостаноците на децата? – реагира граѓанин.

На него се надоврзува друг граѓанин, додавајќи дека по 50 минути чекање, дошол автобус со број „65“, кој на крајот се расипал, имало проблем со менувачот. Потоа патниците се симнале во Автокоманда за да чекаат друг автобус.

– Срамота, 21 век сме да немаме јавен превоз! – коментира тој.

Поради ваквата состојба, градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика тамошните жители, но и сите други граѓани, преку социјалните мрежи, да ја поддржат неговата иницијатива на протест в петок во 13:30 часот, пред Град Скопје, за да го изразат својот револт од веќе неподносливата состојба.

Повеќето граѓани не може да си дозволат да платат за такси, па се принудени да го трпат сето ова. Оние со повеќе пари, седнуваат во автомобилите и со тоа дополнително придонесуваат за загадувањето на воздухот.

И не само ЈСП, во катастрофална состојба се и други јавни претпријатија во градот. Вработените во ЈП „Улици и патишта“ се подготвуваат да дојдат со целата механизација пред Град Скопје и да штрајкуваат поради сериозни проблеми со исплата на платите. Како што наведуваат во соопштението, претпријатието се соочува со значајни финансиски проблеми, кои вклучуваат презадолжување и блокирани сметки.

– Поради лошото менаџирање на двоецот Арсовска – Глигоров и поранешниот директор Ванчо Умленски, претпријатието повторно се соочува со сериозни проблеми при исплатата на личните доходи на вработените – се наведува во соопштението.

Од претпријатието наведуваат дека една од причините за актуелната криза е презадолжување на претпријатието кон набавувачите на материјали, кое, како што велат, достигнува сума од 240 милиони денари. Вработените тврдат дека, покрај неплаќањето на долгот, се врши селективно плаќање на фирми блиски до властите, како што се секретарот и градоначалничката. Дополнително, сметката на претпријатието е блокирана со 10 милиони денари, а извршни решенија за вкупно 40 милиони денари ќе стапат на сила во наредниот период.

Работата на претпријатието, велат вработените, е дополнително нарушена поради недостиг на основни средства за работа, како што се нафта, ризла и рабници. Ова се случува поради неплаќањето на обврските кон набавувачите, што доведува до прекини во испораката на потребните материјали. Вработените, исто така, посочуваат дека градежните машини и возила се со дефекти и дека не се сервисираат со месеци, што ја отежнува нивната работа.

Скопската градоначалничка ја фрла вината за ваквата состојба на ВМРО-ДПМНЕ и на градските советници од оваа партија, кои не гласаат за набавка на 250 нови екоавтобуси, ниту, пак, за реализација на БРТ-системот. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, потенцираат дека за цели три години, локалната власт во Скопје не направила ништо за Скопје и за скопјани, дека цели три години ги оставила градот и жителите да се дават во смет и ѓубре и дека јавниот превоз е во ужасна состојба.

– На овие ниски, зимски температури, граѓаните со часови чекаат на автобуските постојки да им дојде автобус на ЈСП. Каде нема автобуси, па и оние што ги има, Арсовска не ги одржува и постојано се расипуваат. А, дел од нив, поради нередовно сервисирање, движејќи се, се запалуваат, така што го загрозуваат животот на патниците и воопшто на сите граѓани – се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

И додека се префрла одговорноста од еден на друг, граѓаните прашуваат: „Ќе има ли крај на ова?“

(А.П.)

Рамка: Приватните превозници бараат нов состанок за решавање на проблемот со јавниот градски превоз

Приватните превозници во Град Скопје „Јофи бус“, „Вестор транс“, „Радос компани“ вчера, преку соопштение, повторно побараа од надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз.

– Сведоци сме на состојбата со јавниот градски превоз во Град Скопје, која се влошува од ден на ден. Приватните превозници располагаат со 200 автобуси, кои не се максимално искористени и со кои можеме да го надополниме недостигот од автобуси на ЈСП – се вели во соопштението.

Според приватните превозници, за да биде исполнет зимскиот возен ред во целост, по одлука на Советот за линиски превоз на патници во Град Скопје, потребни се 352 автобуса или со резервни, вкупно 444 автобуси. Наведуваат дека во моментов, на дневно ниво, недостигаат од 160 до 200 автобуси.

Тие додаваат дека не може да одговорат на зададениот возен ред поради ненамирениот долг од јуни, немањето верификувани извештаи за јули, август, септември и октомври, ниската цена за изминат километар, со која, како што велат, не може да ги покријат основните трошоци, пишува во соопштението.

Приватните превозници негираат дека доколку се покачи цената за изминат километар кај приватните превозници, тоа ќе значи и покачување на цената на билетот.

– Одговорно тврдиме дека не е така, туку е потребна реформа во јавниот градски превоз. Ние сме последната дејност каде што нема покачување. Немаме волшебно стапче да ги надоместиме загубите. Со покачувањето на цената, ќе можеме да работиме рентабилно, но и нашите корисници ќе добијат понови еколошки климатизирани автобуси – децидни се приватните превозници.

Нема бензин, автобусите на ЈСП се повлекуваат во базите

Автобусите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ од попладнево повторно се повлекуваат во своите бази. Причина за тоа, како што потврди Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП, е тоа што повторно нема нафта.

– Автобусите се повлекуваат во базите со она малку нафта што им преостана за да не останат на улица, па ќе треба некој да дежура. Ова продолжува и понатаму. Наскоро, ние, синдикатите на сите градски јавни претпријатија, ќе преземеме нешто – кусо изјави Стојановски.

Од Град Скопје вината за тоа што нема нафта повторно ја префрлија на градските советници од ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот и претседател на оваа партија, Христијан Мицкоски.
-Со часови се чека автобус за училиште и работа поради суетата на Мицкоски.
Мицкоски во континуитет преку своите кадри креира кризи во јавните претпријатија во Скопје. Одлука за решение за недостигот на автобуси и замената на дотрајаните автобуси со нови еколошки за ЈСП, веќе 24 пат по ред не ја носат послушниците на Мицкоски во Советот на Град Скопје на чело со Трајко Славевски – потенцираат градските власти .
Оттаму додаваат дека новата криза со која го остава ЈСП без нафта, а скопјани без јавен превоз е смислено сценарио за урнисување на претпријатието.
-Кадарот на шефот на ВМРО ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за прв пат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио – тврдат од Град Скопје.
Велат дека во исто време и со истото смислено сценарио приватните превозници, кои скоро воопшто не сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за зголемување на цената по која возат,  менуваат изјава дека не им биле верификувани извештаи за возење.
-А кој ќе им ги верификува кога не возат – наведуваат градските власти.
При тоа, објаснуваат дека за одлука за зголемување на цена на приватниците може да расправа и да донесе одлука единствено Советот на Град Скопје, предводен од Трајко Славевски од ВМРО ДПМНЕ.
Потсетуваат дека од моментот кога Мицкоски отпочнал да преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, кое како и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, се дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за скопјани, отпочнала и голготата на претпријатието.
-Во исто време почнаа и шпекулации за урнисување на ЈСП поради можно сценарио за негова приватизација – заклучија од Град Скопје.