Луис Хамилтон продолжува да се прилагодува на животот во Ферари, а сега направи голем чекор со купување на луксузен имот во Италија. Британскиот возач се повеќе го поврзува својот живот со оваа земја откако се приклучи на легендарниот тим од Маранело.

Седумкратниот шампион реши да ја заврши својата ера во Мерцедес на крајот на 2024 година и да започне ново поглавје од кариерата во Ферари. Неговиот старт во италијанскиот тим беше доста турбулентен, со оглед на тоа што на дебито во Австралија заврши само десетти. Сепак, брзо го пронајде својот ритам и дојде до првата победа во црвениот комбинезон, триумф во спринтерската трка во Кина, иако потоа имаше уште еден тежок викенд во главната трка.

За дополнително да се интегрира во опкружувањето на Ферари, Хамилтон одлучи да инвестира во недвижен имот во Италија.

Според поранешниот шампион во ГП2 и Ф1 аналитичар, Давиде Валсеки, Британецот купил куќа во ексклузивната населба Порта Нуова во Милано.

  • Тој купи куќа во Порта Нуова, еден од најексклузивните делови на Милано, изјави Валсеки за „Кориере дела сера“.

Во овој елитен дел од градот цената на метар квадратен достигнува над 5.000 евра, што значи дека купувањето на Хамилтон е уште една милионска инвестиција.

Британецот веќе се покажа како страствен колекционер на луксузни недвижнини, па во 2012 година купи куќа во Монако за околу 10 милиони евра. Пет години подоцна зема луксузен стан во Лондон, вреден околу 21,7 милиони евра.

Покрај тоа, во 2020 година го продаде својот пентхаус во Њујорк за речиси 46 милиони евра.

Хамилтон ќе се врати во болидот овој викенд, кога ќе се натпреварува на Јапонското ГП, негова трета трка во Ферари. Тој е исклучително љубител на патеката Сузука, со оглед на тоа што таму победил дури четири пати во кариерата.

ИЗДВОЕНИ