Новата сезона во Формула 1 започна минатата недела со трката во Мелбурн, а продолжи викендов со Големата награда на Кина.

На своето деби за Ферари, Хамилтон беше само десетти, а во фокусот изминативе денови е и неговата комуникација со тимското радио за време на двете трки. Тој истакна дека реакциите на неговата радио-комуникација во текот на трките со неговиот тркачки инженер Рикардо Адами се претерани.

  • Мислам, секако, сите претераа. Тоа беше буквално размена на зборови. Бев многу љубезен на начинот на кој го предложив. Реков: „Препушти ми го тоа, те молам“. Не реков: „Е*и се“. Не пцуев. Баш во тие моменти се мачев со болидот и ми беше потребна концентрација на патеката, се правдаше Хамилтон, додавајќи дека нема никакви роблеми меѓу нив.

Хамилтон ги спореди радио разговорите со другите тимови, вклучувајќи го и возачот на Ред Бул, Макс Верстапен и неговиот инженер Џанпјер Ламбијасе.

  • Одете и слушајте ги радио повиците на другите возачи и нивните инженери, многу полошо. Но, за жал, вие (медиумите) правите од се сензација… Разговорот што Макс го води со инженерот со години, злоупотребата што ја преживеа кутриот, никогаш не пишувате за тоа, туку пишувавте за најмалата дискусија што ја имав со мојот тим, изјави Хамилтон.

Комуникацијата на Верстапен со Ламбијасе беше под лупа за време на Големата награда на Белгија во 2023 година, откако светскиот шампион беше бесен на тоа како тимот се претстави во квалификациите.

Хамилтон рече дека бил љубезен за време на неговиот разговор со Адами.

  • Не знам зошто сите се толку негативни. Бев љубезен, секогаш велам „ве молам“ на крајот. Кога ќе видите колку навреди трпат другите инженери со години, тоа го нема кај мене. Има поединци кои беа прилично груби за тоа како разговараат со тимовите, вели седумкратниот Ф1 шампион.

Пред да се пресели во Ферари, Хамилтон работеше со Питер Бонингтон 12 години во Мерцедес и познато е дека имаа одлични односи. Британецот изјави дека тој и Адами минуваат низ нормален процес на навикнување на новиот работен однос.

Инаку, Хамилтон славеше во спринт-трката во Кина, но на главната трка го освои само 6. место.

ИЗДВОЕНИ