Само по еден ден откако влезе во историјата, Луис Хамилтон беше дисквалификуван од трка во Формула 1. Причина за ова беа техничките прекршувања на неговото ферари, што значеше дека не можеше да ја заврши трката за Големата награда на Кина во Формула 1. Покрај него, на листата се најдоа и Пјер Гасли од Алпин и Шарл Леклер, исто така од Ферари.

Утврдено е дека еден од лизгачките блокови на ферарито управувано од Хамилтон е со помала дебелина од онаа потребната. Формула 1 болидите имаат лизгачки блокови во подот и тие им овозможуваат да одржуваат одредена висина, односно да не одат премногу ниско. А, причината за дисквалификацијата на Гасли и на Леклер беше што нивните болиди беа оценети со помала тежина на проверките што се одржаа по трката.

На оваа трка, првото место му припадна на Оскар Пјастри, додека втор беше Ландо Норис, исто така од Мекларен, а трет заврши возачот на Мерцедес, Џорџ Расел. На четвртата позиција се пласираше Макс Верстапен од Ред бул, кој успеа да го престигне Леклер на самиот крај, поточно на три круга пред крајот на трката. Петти беше Естебан Окон, а зад него беше Кими Антонели.

Листата ќе изгледаше поинаку доколку немаше дисквалификации, бидејќи Шарл Леклер беше петти во своето ферари, пред тимскиот колега, Хамилтон. А, Пјер Гасли, во својот алпин, го зазеде 11. место.

Инаку, Хамилтон беше дисквалификуван во 2023 година, кога возеше за Мерцедес на Големата награда на САД и кога беше проблемот сличен на овој.

ИЗДВОЕНИ