Луис Хамилтон верува дека проблемите на Ферари со нивниот болид од 2025 година може да се решат, но инсистира дека ќе биде потребно време.
Скудерија Ферари има тежок почеток во новата сезона, ниту Хамилтон ниту Шарл Леклер не успеаја да завршат на подиумот во првите три трки од сезоната, па многумина се прашуваат дали воопшто ќе се приклучат во трката за шампионската титула оваа сезона, како што се најавуваше во текот на зимскиот период.
Единствен значаен момент за Ферари беше триумфот на Хамилтон на спринтерската трка во Шангај. Сепак, таа победа остана во сенка на двојната суспензија од главната трка поради два различни технички прекршоци.
Јапонското ГП беше нешто постабилно за Ферари, пред се поради Шарл Леклер кој ја заврши трката на четвртото место. Сепак, во споредба со ситуацијата на крајот на минатата година, кога често беа главен конкурент на Мекларен, почетокот на сезоната е разочарувачки.
Луис Хамилтон по трката во Јапонија спомна проблем со задниот дел од својот болид. Општото мислење е дека Ферари не можеше да го постави болидот доволно ниско, што влијаеше на количината на надолна сила што ја генерираат.
Во својот популарен коментар, Тед Кравиц од „Скај Спортс Ф1“ рече дека ова е можеби првпат Хамилтон и Леклер искрено да зборуваат за проблемите со нивниот болид. Кравиц, како и Хамилтон, е убеден дека проблемите што моментално ги мачат Ферари се „поправливи“ и дека фокусирањето на следната сезона во моментов не е опција.
- За првпат, Шарл Леклер и Луис Хамилтон рекоа дека имаат проблем со болидот. Тие не прецизираа за што се работи. Мислиме дека е во задниот дел на болидот. Може да биде задното крило, менувачот, висината на болидот. Очигледно, тоа е нешто што им пречеше за време на тестирањето, па поради таа причина не видовме дека Хамилтон вози подолги делници. Во Австралија тоа не беше толку видливо поради дождот, но се покажа во Кина. Сега тие треба да се справат со тоа додека не најдат решение, веројатно до Мајами. Сето тоа може да се поправи, само ќе потрае малку време. Кога ќе го поправат, ќе ни кажат. Не ни кажуваат сега затоа што не сакаат. Очигледно е нешто што треба брзо да го поправат, истакна Кравиц.
Според најавите од Италија, Ферари се надева дека нивниот пакет за надградба на претстојните трки ќе ги реши проблемите кои се појавија во првите кругови од сезоната. Стабилноста на задниот дел на болидот и способноста да се спушти болидот за три милиметри ќе бидат клучни фактори во борбата за титулата на крајот од сезоната.