Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон (40), минатата недела го имаше своето прво излегување на патеката со тимот на Ферари. Бројни навивачи се собраа во Маранело за да го гледаат неговото прво тест-возење, а денеска, во текот на претсезонските тестирања во Шпанија, доживеа несреќа и го искрши својот болид.
На патеката во Барселона, тој ја загуби контролата над својот болид од 2023 година. За среќа, не е повреден. Ферари одби да ја коментира несреќата во Шпанија, каде што Хамилтон дели болид со тимскиот колега Шарл Леклер.
Би-би-си пишува дека управата на Ферари не ја смета несреќата за необична, со оглед на тоа што британскиот возач сега ги запознава карактеристиките на болидот, откако беше дел од Мерцедес во изминатите 12 години.
Ферари ќе го претстави својот нов болид за 2025 година на 19 февруари, а сезоната во Формула 1 започнува кон средината на март, со трката во Австралија.