Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, го имаше првото тестирање во болидот на Ферари, а како што изјави, тој момент бил многу емотивен за него. Тој помина 12 години во Мерцедес пред да се пресели во тимот од Маранело оваа зима.

Хамилтон го возеше болидот SF-23 од 2023 година на тест-патеката Фјорано на Ферари, со неговиот број 44, носејќи нова жолта кацига со познатото лого на Ферари – црното коњче.

  • Кога го стартував болидот и поминав низ вратата од гаражата, имав најголема насмевка на моето лице. Ме потсети на времето кога првпат тестирав Формула 1 болид. Тоа беше возбудлив и посебен момент и еве ме, речиси 20 години подоцна, повторно ги чувствувам тие емоции, изјави 40-годишниот Хамилтон.

Имаше време и да ги поздрави фановите кои во магливо и дождливо време се собраа пред патеката да го видат првпат големиот шампион во црвено. Облечен во црвена јакна на Ферари, Хамилтон ги поздрави, заблагодарувајќи им се за поддршката, ја стави раката преку градите, а со него беше и неговата мајка.

  • Имав среќа да имам многу стартови во кариерата, од мојот прв тест до мојата прва трка, подиум, победа и титула, но не бев сигурен уште колку стартови ќе имам, но возејќи ферари, првпат ова утро беше едно од најдобрите чувства во мојот живот, изјави еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1, откако во понеделникот го тестираше својот болид.

Хамилтон го шокираше светот на спортот и Формула 1 кога минатиот февруари објави дека ќе се пресели во Ферари, по 12 години минати во Мерцедес, со кого освои шест од седумте светски шампионски титули. Тој рече дека со доаѓањето во Ферари го исполнил детскиот сон.

  • Веќе знаев однадвор колку е страсно семејството на Ферари, од сите во тимот до навивачите. Но сега, да се види од прва рака како возач на Ферари е неверојатно. Таа страст минува низ нивните вени и ти дава енергија, додаде Хамилтон.

Хамилтон го држи рекордот за најмногу победи во Формула 1 (105) и најмногу пол-позиции (104). Првата светска шампионска титула ја освои во 2008 година со Мекларен, а следните шест со Мерцедес, последната во 2020 година.

Официјалното претсезонско тестирање ќе се одржи од 26 до 28 февруари во Бахреин, а првата трка од новата сезона ќе се одржи на 16 март во Австралија.

ИЗДВОЕНИ