EPA-EFE/SRDJAN SUKI

Шефот на Мерцедес, Тото Волф, ги отфрли тврдењата дека Луис Хамилтон ментално се „откажал“ од тимот во 2024 година, нагласувајќи дека проблемот лежи во болидот, а не во неговиот пристап.

Волф застана во одбрана на Луис Хамилтон откако се појавија шпекулации дека седумкратниот светски шампион го загубил фокусот во својата последна сезона со тимот од Бракли.

Хамилтон, кој оваа година се пресели во Ферари, имаше тешка сезона во 2024 година, борејќи се со формата и со темпото во споредба со младиот тимски колега, Џорџ Расел.

Расел доминираше во квалификациите, победувајќи го Хамилтон на 19 од 24 настапи, процент сличен на оној во квалификациите за спринт, кога беше резултатот 5:1 во корист на помладиот Британец.

Хамилтон отворено призна дека кон крајот на сезоната чувствувал дека повеќе не е брз, но на денот на трките, сепак, покажал солидно темпо, завршувајќи ја сезоната со 22 поена зад Расел.

Бен Хант, познат Ф1-новинар, сугерираше дека раното потпишување со Ферари влијаело на мотивацијата на Хамилтон во текот на минатата сезона.

  • Откако ќе се откажете, тешко е да го задржите интензитетот. Неговото внимание веќе беше кон Ферари – истакна Хант.

Волф, сепак, ги отфрли овие тврдења, нагласувајќи дека Хамилтон е премногу професионален за да се „исклучи“ од тимот.

  • Оваа генерација болиди не му одговара на Луис. Тој доцна сопира и агресивно влегува во свијоците, но сегашните болиди и гуми не го простуваат тоа – изјави Волф за германски „Автомотоспорт“.

Волф призна дека слабите перформанси на Хамилтон во квалификациите биле позабележителни од неговото темпо на трката, додавајќи дека проблемот бил технички, а не ментален.

Хамилтон сега се свртува кон нов предизвик во Ферари, со цел да ја освои рекордната осма титула светски шампион, но статистиката не му оди во прилог.

Само тројца возачи постари од 40 години ја освоиле титулата, а последен е сер Џек Брабам, во 1966 година.

Многу експерти веруваат дека квалификациите се првото место каде што годините почнуваат да го прават своето, но Волф верува дека Хамилтон сè уште го има она што е потребно за да победи.

  • Кога ќе му го дадеме вистинскиот болид, Луис ќе покаже дека сè уште е на врвот – додаде Волф.

Тој го посочи примерот на Фернандо Алонсо, кој годинава наполни 45 години, како доказ дека современите Формула 1 возачи можат да ја продолжат својата кариера.

  • Фернандо покажува дека со искуство и со фокусираност можеш да останеш конкурентен долго време. Тоа важи и за Луис – заклучи Волф.

ИЗДВОЕНИ