Хамас ќе ги прекине преговорите со Израел со посредство, доколку Израел не ослободи 602 палестински затвореници кои се планирани за ослободување во замена за шесте израелски заложници предадени вчера, изјави функционерот на Хамас, Махмуд Мардави.
Во објава на Телеграм, тој ги повика посредниците да извршат притисок врз Израел да ги спроведе одредбите од договорот за прекин на огнот, пишува The Times of Israel. Израелските власти рано утринава соопштија дека го одложуваат ослободувањето на повеќе од 600 палестински затвореници во размена со Хамас додека не добијат гаранции дека „понижувачките церемонии“ што Хамас ги изведува за време на предавањето на заложниците ќе бидат прекинати.
Хамас рече дека тврдењето на израелските власти за „понижувачките“ церемонии за предавање на заложниците е „лага и изговор за избегнување на обврските што произлегуваат од договорот за прекин на огнот во Газа.
Ослободувањето на палестинските затвореници било предвидено како дел од договорот за ослободување на шесте израелски заложници, кој Хамас го предаде вчера. Како што првично беше договорено, Израел вчера требаше да ослободи повеќе од 600 палестински затвореници, вклучително и повеќе од 100 жени и деца, како дел од седмата размена на заложници и затвореници за време на втората фаза од прекинот на огнот.