Хамас е подготвена да започне разговори за деталите од втората фаза од тековниот прекин на огнот во Газа, изјавија за АФП двајца претставници од палестинската група.
„Ги информиравме посредниците, за време на тековните состаноци одржани со египетските посредници минатата недела во Каиро, дека сме подготвени да започнеме преговори за втората фаза“, рече претставник на Хамас кој сакаше да остане анонимен „поради чувствителноста на преговорите“.
Тие ги повикаа посредниците да обезбедат „Израел да се придржува до договорот и да не одолговлекува“.
Друг функционер вели дека Хамас „чека посредниците да ја започнат следната рунда“.
Според условите на договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел, чија прва фаза стапи на сила на 19 јануари, денеска требаше да започнат индиректните преговори за утврдување на деталите од втората фаза.
Првата фаза од 42 дена се врти околу ослободувањето на 33 израелски заложници киднапирани во масакрот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во замена за околу 1.900 палестински безбедносни затвореници, вклучително и стотици кои отслужуваат доживотна казна затвор.
Втората фаза се очекува да опфати ослободување на преостанатите заложници и да вклучи разговори за траен крај на војната.
Кабинетот на Бенјамин Нетанјаху претходно денеска објави дека ќе започне разговори за втората фаза со посредникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот исток, Стив Виткоф.
Нетанјаху моментално е во Вашингтон и утре треба да се сретне со Трамп.