
Милитантите предводени од Хамас ослободија тројца израелски заложници, а израелските сили почнаа да ослободуваат стотици затвореници за возврат, што е најновата индикација дека кревкиот договор за прекин на огнот што стави крај на крвопролевањето во Појасот Газа, а кој деновиве беше под ризик да биде прекинат, се уште е на сила.
Милитантите во јужниот дел на Појасот Газа ги ослободија Иер Хорн, 46, двоен државјанин на Израел и Аргентина, Американско-израелскиот државјанин Сагуи Декел Чен кој има 36 години и руско-израелскиот државјанин Александар Саша Труфанов, 29 годишно момче.
Сите беа киднапирани од Кибуц Нир Оз, заедница која беше тешко погодена во нападот на 7 октомври 2023 година што ја разгоре војната која траеше речиси година и половина.

Ослободените заложници изгледаа бледи и истрошени, но се чинеше дека се во подобра физичка состојба од тројцата ослободени минатата сабота, кои излегоа изнемоштени од 16-месечното заробеништво.
Примирјето кое започна пред речиси четири недели беше загрозено во последните денови од тензичниот спор што се закануваше да ги обнови борбите. Контроверзниот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп да се отстранат повеќе од 2 милиони Палестинци од Газа и да се населат на друго место во регионот, уште повеќе фрли сомнеж за иднината на прекинот на огнот.

Но, Хамас во четвртокот рече дека ќе продолжи со ослободување на уште заложници по разговорите со египетските и катарските власти.
До сега беа ослободени 21 заложник и над 730 палестински затвореници како дел од првата фаза од примирјето.
