„Конечно дома“, на англиски и на хебрејски јазик напиша Наама Леви, чија пра-прабаба била родена во Македонија, во 1893 година, а како девојче заминала во Израел, каде што основала семејство и оставила наследство. Ослободените жени физички изгледаат добро, но израелските медицински експерти појаснуваат дека сите телесни системи најверојатно им се засегнати по месеци поминати во подземни тунели со ограничен воздух, светлина и храна. Израел објави дека ги ослободил сите 200 палестински затвореници, од кои еден бил 39 години во затвор и е во очекување Хамас да ослободи уште 87 израелски затвореници. Израелските власти претпоставуваат дека од нив само 53 се живи
Карина Ариев, Даниела Гилбоа, Наaма Леви и Лири Албаг се новите четири заложнички кои палестинското милитантно движење Хамас во саботата ги ослободи, откако преживеаја 477 денови во заробеништво. Во рамки на мировниот договор што треба да стави крај на 15-месечната војна во Газа за возврат, Израел викендов ослободи 200 палестински затвореници.
Видеа објавени на „Јутјуб“ и фотографии ги покажуваат ослободените девојки, припаднички на израелската војска, со широки насмевки и табли во рацете на кои испишаа пораки. „Конечно дома“, на англиски и на хебрејски јазик пишува на таблата на Наaма Леви, Еврејка со македонско потекло. Со другите три ослободени девојки таа беше киднапирана од борците на Хамас, во нападот на 7 октомври лани, од набљудувачката станица кај Газа. Медиумите пренесуваат дека нејзина пра-прабаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, а како девојче заминала во Израел, каде што основала семејство и оставила наследство. Поради македонските корени на Леви и македонските власти биле ангажирани околу нејзиното ослободување, по што претставници на еврејската заедница од Македонија, како и претставници на роднините на Леви им се заблагодарија за напорите.
-Возбудена сум. Знаевме дека овој момент ќе дојде. Не се сомневавме. Помина долго време. Очекувавме тоа да се случи и претходно. Но, ова е тоа, тие се враќаат дома, изјави роднина на Леви.
На „Јутјуб“ викендов се појавија видеа со ослободените заложници. На нив се гледа и како Хамас ги киднапира. Леви ја влечат и со врзани раце и раскрвавено лице, речиси непрепознатлива ја внесуваат во џип. Видеото завршува со снимки од насмеаната, ослободена девојка.
Четирите заложнички по ослободувањето беа предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опкружени со десетици вооружени луѓе на Хамас. На фотографиите што го обиколија светот се гледа како тие насмеани мавтаат пред да влезат во возилата на Црвениот крст, кои ги предадоа на израелските сили кои, пак, со хеликоптер ги однесоа да се видат со семејствата. По емотивните средби семејствата, пренесени се во болница, по што израелското Министерство за здравство соопшти дека се во стабилна состојба. Но, иако физички сите четири изгледаат добро, здравствените власти велат дека треба да поминат долг пат додека да емотивно да закрепнат. Израелските медицински експерти појаснуваат дека сите телесни системи најверојатно им се засегнати по месеци поминати во подземни тунели со ограничен воздух, светлина и храна.
-По толку долго време, 15 месеци, ние очекуваме многу болести, физички и психички, всушност кај секоја од нив. Не е важно кое било порано и во каква здравствената состојба било лицето, објаснува д-р Амир Блуменфелд, специјалист за траума.
По оваа размена, во Газа остануваат уште 87 израелски затвореници. Израелските власти претпоставуваат дека 53 од нив се живи, иако Хамас тврди дека тој број е помал. Тоа значи дека за 34 се претпоставува дека се мртви, а нивните тела допрва треба да се најдат.
Од друга страна, како што соопшти израелската затворска служба, ослободени се сите 200 палестински затвореници. Меѓу нив има и осудени милитанти кои отслужуваат доживотна казна за вмешаност во напади во кои загинаа десетици луѓе. Од нив 70 се депортирани од Израел во Египет, додека останатите се обединети со нивните семејства во Рамала на Западниот Брег. Најмладиот палестински затвореник има само 16 години, додека најстариот 69 години. Еден од ослободените поминал цели 39 години во израелски затвор, откако бил уапсен во 1986 година.
Ова е втора размена на затвореници по склучувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Претходно Хамас ослободи три израелски жени во замена за 90 палестински затвореници.
Војната меѓу Израел и Хамас трае од 7 октомври 2023 година, кога во напад на милитантите од Појасот Газа беа убиени 1.200 луѓе и земени 251 заложник. Во одмаздата на Израел досега загинаа близу 47.000 луѓе во Газа, според палестински извори, но се стравува дека бројот ќе биде многу поголем. За време на војната повеќето од 2,3 милиони жители во палестинската енклава се раселени, многу делови од Појасот Газа се уништени, а има голем недостиг на храна, гориво и лекови.