Палестинското движење Хамас објави во вторникот дека на неодредено време го одложува ослободувањето на групата израелски заложници кои се држат во енклавата Појасот Газа, наведувајќи дека Израел не се придржувал на условите од нивниот договор за прекин на огнот.
Дополнителна група заложници требаше да бидат ослободени во саботата во замена за десетици палестински затвореници во рамките на договорот за прекин на огнот кој стапи на сила на19-ти јануари.
Портпаролот на Хамас, Абу Обеида, изјави дека до следната одлука повеќе нема да бидат ослободени заложниците.
Досега се случија пет размени на заложници и заробеници во првата фаза од примирјето коешто е во тек. Тројца израелски заложници беа ослободени минатата сабота.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави во понеделникот дека најавата на Хамас за запирање на ослободувањето на заложниците претставува кршење на договорот за прекинот на огнот во Појасот Газа и дека ѝ наредил на војската да биде на највисоко ниво на приправност во палестинската енклава.