Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека Израел од посредник добил листа на затвореници кои Хамас ќе ги ослободи задутре, а „Хамас“ ги објави и имињата на четирите израелски женски воени лица кои се на тој список.
„Ќе ослободиме четири израелски војници во сабота, 25 јануари 2025 година“, изјави во кусото соопштение на Абу Обаид, портпарол на бригадите Ал Касам. Тој рече дека ослободени ќе бидат Карина Ариев (20), Даниеле Гилбоа (20), Наама Леви (20) и Лири Албаг (19). Девојките беа заробени на почетокот на октомври 2023 година во базата Нахал Оз во јужен Израел, кога Хамас изврши прекуграничен напад. Петтиот заробен војник Агам Бергер (20) ќе остане во Газа. Задачата на девојките била да набљудуваат сомнителни воени активности.
„Знаеја нешто“
„Знаеја нешто, оние девојки кои беа очите на земјата“, изјави тогаш сестрата на Карина Саша Ариев, додавајќи дека нејзината сестра и се јавила утрото на нападот на Хамас. Нејзината сестра и рекла дека слушнала пукотници и врисоци, а потоа испратила порака дека пристигнале терористи. Снимката од киднапирањето на девојчињата подоцна се прошири на социјалните мрежи.
Четирите заложници треба да бидат ослободени задутре доцна попладне. Тие ќе бидат транспортирани од Меѓународниот комитет на Црвениот крст до еден од трите гранични премини, по што ќе бидат предадени на израелските одбранбени сили. По основните лекарски прегледи тие со хеликоптер ќе бидат пренесени во болница.
На првиот ден од прекинот на огнот, минатата недела, Израел ослободи 90 палестински затвореници, додека Хамас ослободи тројца израелски затвореници.
Првата фаза од шестнеделниот прекин на огнот во Газа стапи на сила пред пет дена. Трифазниот план за ставање крај на конфликтот вклучува размена на затвореници со цел да се постигне траен прекин на огнот.
Размената предвидува ослободување на 200 палестински затвореници од израелските затвори, 50 за секој војник на израелската армија ослободен од Хамас. Според условите на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, 33 заложници треба да бидат ослободени во текот на шест недели во замена за стотици палестински затвореници. Хамас треба да достави и список со статусот на преостанатите 26 заложници кои се држат во Газа, кои треба да бидат ослободени во првата фаза.