Неименуван претставник на палестинската милитантна група Хамас изјави денес во Каиро дека неговата организација е подготвена за договор со Израел што вклучува ослободување на сите заложници и петгодишно примирје, објавија француските медиуми.
„Хамас е подготвен да размени затвореници (израелски заложници за палестински затвореници) во операција во замена за петгодишно примирје што би ставило крај на тековната војна“, изјави неименуван функционер од палестинската милитантна група, зборувајќи под услов на анонимност пред состанокот на делегацијата на Хамас со медијаторите во Каиро денес, објави парискиот весник „Ле Монд“.
Во меѓувреме, портпаролот на палестинската цивилна одбрана, Махмуд Басал, објави дека спасувачките екипи успеале да ги извлечат телата на четири загинати и пет ранети по израелскиот напад во окупираната палестинска енклава.
„Целта на израелскиот напад беше станбена зграда јужно од градот Газа. Повеќе од 30 луѓе останаа под урнатините, а нашите тимови не можат да стигнат до нив поради недостаток на соодветна опрема и машини“, рече Басал, пренесува Танјуг.