Палестинското движење Хамас објави дека е подготвено да ги ослободи сите преостанати израелски заложници одеднаш, пренесе Ал Џезира.
Движењето издаде соопштение во кое ја истакна позицијата на групата за време на втората фаза од спроведувањето на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, пренесе ТАСС.
„Хамас предлага размена на сите израелски и палестински затвореници одеднаш во текот на втората фаза од спроведувањето на договорот, со цел да се постигне траен прекин на огнот и да се изврши целосно повлекување на израелската армија“, се вели во соопштението, пренесе Срна.
Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани на 15 јануари изјави дека Израел и Хамас постигнале договор за прекин на огнот, благодарение на посредничките напори на Египет, Катар и САД.
Договорот, кој се спроведува во три фази, стапи на сила на 19 јануари, а во првата фаза, која е предвидено да трае 42 дена, се очекува Хамас да ослободи 33 заложници во замена за Палестинците кои се чуваат во израелските затвори.