Палестинското движење Хамас побара во неделата од посредниците да го претстават планот заснован на претходните разговори наместо да започнуваат нови преговори за договорот за прекина на огнот со Израел во палестинската енклава Појасот Газа.
Минатата седмица функционери од Египет, Катар и СА ги повикаа претставниците на Израел и на Хамас на преговори за да се договори прекин на огнот во Газа и ослободување на израелските заложници кои во енклавата ги држат палестинските милитанти, а кои би се одржале на 15-ти август во египетската престолнина Каиро или во катарската Доха.
Израелската влада соопшти дека ќе испрати свои преговарачи на состанокот. Хамас, од своја страна прво објави дека ја разгледува поканата, но сега навестува дека би можел да отсуствува од новата рунда преговори.
„Нашето движење ги повикува посредниците да го претстават планот за спроведување на она на што Хамас се согласи на 2-и јули 2024 година, врз основа на визијата на (американскиот претседател Џо) Бајден и резолуцијата на Советот за безбедност при Обединетите нации“, се истакнува во соопштението на палестинското движење/
„Тоа посредниците би требало да му го наметнат на окупаторот (Израел) наместо да спроведуваат натамошни рунди преговори или нови предлози коишто би дале покритие за агресијата на окупаторот и би му дале повеќе време да го продолжи геноцидот над нашиот народ“, се додава во објавата на Хамас.
Израел го започна нападот врз Газа откако борците на Хамас упаднаа во јужен Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе, главно цивили, а земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.
Оттогаш, речиси 40.000 Палестинци се убиени во израелската офанзива во Газа, според Министерството за здравство на Појасот Газа.