Силен циклон донесе обилни дождови и бурни ветрови во Грција во претходните два дена, што предизвика огромни штети. Многу делови од земјата беа погодени од обилни врнежи и бурни ветрови. На северот и на истокот од земјата наврнаа од 100 до 200 литри дожд на метар квадратен, а до 400 литри во делови на Халкидики и Родос, предизвикувајќи разорни поплави и порои.
Станува збор за врнежи кои паднале за два дена, а во просек паѓаат во текот на целата зима на овие локации. На некои локации врнело дожд колку што врне во просек за половина година.
Поплавите носеа се пред себе. Оштетени се бројни згради и патишта, а има и срушени мостови. Бурниот ветер ги искрши дрвјата, а поради невремето Солун остана во мрак. Во североисточните делови на земјата и на брегот на Егејското Море се забележани ветрови со ураганска сила од 120 км/ч.
Брановите на Егејското Море беа високи и до 10 метри и со сета сила удираа во крајбрежните области. Се судрија и два брода. Под удар на грмежи и невреме е и поширокото подрачје на Атина.
Во исто време обилни снежни врнежи ги зафатија планинските предели на северот и северозападот од земјава, а наврнаа повеќе од половина метар снег. Грција се уште е под влијание на силен циклон, а епицентарот на обилните врнежи и бурните ветрови се наоѓа во Егејското Море, на југоисточниот и источниот дел на земјата и на островите во Егејското Море.
Најавата за апокалиптичните сцени предизвикани од невремето „Бора“ дојде до граѓаните од Цивилната заштита, кои уште од викендот во раните вечерни часови испратија СМС пораки со предупредување за лоши временски услови..
Нешто по полноќ граѓаните се предупредени да не одат од Порто Куфо до Неос Мармарас бидејќи во невремето е оштетена патната мрежа. Улиците останаа покриени со кал, а очајните граѓани ја испумпуваа водата од своите домови и ја чистеа калта која уништи се.
Според официјалните податоци, невремето собори повеќе од 1.000 дрвја само во Централна Грција, а околу десетина лица мораше да бидат евакуирани. Ситуацијата беше многу полоша на островите, па беа извршени десетици евакуации.
На Родос ситуацијата е толку драматична што локалните лидери ја повикаа владата да прогласи вонредна состојба. Речиси 16 часа непрекинато врнело дожд, поројот срушил и мост, а водата ги уништила патиштата.
Според извештаите, во последните 48 часа Родос бил погоден од страшни поплави, какви не се запишани во историјата. Поројот уништи патишта, однесе надвозници и поплави стотици станбени згради. Водата носеше автомобили како да се играчки.
Невремето полека слабее, а бранот обилни врнежи и силни ветрови ќе се придвижат на исток кон Турција во следните 24 часа. Сепак, повремени врнежи со грмежи ќе има во следните два дена и пошироко во делови од Грција.