Хакерски напад врз Клиничко-болничкиот центар Загреб

334

Поради хакерскиот напад што се случи рано утринава, исклучени се сите информациски системи во Клиничко-болничкиот центар Загреб, а новосоздадената состојба нема да ги загрози пациентите, соопштија од здравствената установа.

„Од наведената причина, принудени сме да ги исклучиме сите системи поради дополнителни проверки и ќе ги вратиме повторно, кога ќе се увериме во нивната исправност. Наведената состојба нема да ги загрози пациентите во КБЦ Загреб“, велат оттаму, пренесува Хина.

Хакерскиот напад врз болницата беше извршен еден ден откако хакерите во средата попладне извршија DDoS напад на веб-страниците на неколку хрватски институции, меѓу кои Министерството за финансии, Даночната управа, Хрватската народна банка и Загрепската берза, кои биле во функција синоќа околу 20 часот.