Хакерите за кои се верува дека работат за севернокорејскиот режим успеале да заработат најмалку 300 милиони долари од нивниот рекорден грабеж на криптовалути, проценет на 1,5 милијарди долари.
Криминална група позната како „Лазарус“ украла огромно количество дигитални валути во напад на крипто берзата Bybit пред две недели, јавува Би-Би-Си. Оттогаш, американските инспектори интензивно работат на обидот да ги блокираат хакерите со цел да ги спречат да ги претворат украдените криптовалути во употребливи пари.
Експертите предупредуваат дека озлогласениот хакерски тим работи речиси 24 часа на ден, а западните медиуми сугерираат дека парите наводно се канализираат во воениот развој на севернокорејскиот режим.
„Секоја минута е важна за хакерите кои се обидуваат да ги отстранат трагите на пари и тие се исклучително софистицирани во она што го прават“, вели Том Робинсон, ко-основач на фирмата за истражување на криптовалути Elliptic.
Според него, Северна Кореја е најдобра во перењето криптовалути меѓу сите криминални групи вклучени во крипто криминалот.
„Замислете дека имаат цела соба од луѓе кои го прават тоа користејќи автоматизирани алатки и долгогодишно искуство. Од нивните активности можеме да видиме дека тие работат речиси без престан, можеби во смени, за да ги претворат криптовалутите во готовина што е можно побрзо“, додаде Робинсон.
Анализата на Елиптик се совпаѓа со тврдењата на Бибит дека 20 проценти од украдените средства сега „недостигаат“, што значи дека најверојатно никогаш нема да бидат вратени.
САД и нивните сојузници ја обвинуваат Северна Кореја дека користи хакирање за да го финансира нејзиниот воен и нуклеарен режим и дека во последниве години извршила десетици хакерски напади со таа цел.