Властите на Гватемала синоќа го екстрадираа во САД осомничениот водач на мрежа за трговија со луѓе одговорен за смртта на 53 мигранти во камион во Тексас во 2022 година.
Ригоберто Миранда, 48-годишен Гватемаланец, уапсен минатата година во близина на границата меѓу Гватемала и Мексико, е обвинет дека ја водел бандата „Лос Орозкос“.
Миранда беше префрлен од главниот град на Гватемала во САД, изјави за новинарите директорот на затворот Серџо Вела.
Американската амбасада во Гватемала на социјалните мрежи објави дека Миранда ќе се соочи со американската правда за „шверц со луѓе“.
Според американските власти, климата во камионот што ги превезувала мигрантите не работела правилно. За време на возењето до Сан Антонио, Тексас, бидејќи температурата во возилото се зголемувала, некои патници повикале помош и удирале по ѕидовите на камионот, но безуспешно.
Вкупно 53 лица починаа, 48 пред да стигнат до Сан Антонио и пет во болница. Преживеале 11 патници.
Според обвинението, шверцерите наплатувале меѓу 12.000 и 15.000 долари по лице за да ги донесат мигрантите, кои главно доаѓале од Мексико, Гватемала и Хондурас, во САД.
Американските власти претходно уапсија уште неколку лица поради нивната наводна вмешаност во трагедијата во Тексас.
На Миранда му се заканува доживотен затвор.