Не стивнуваат реакциите од граѓаните на социјалните мрежи по исказот на обвинетиот Велибор Манев за монструозните планови на групата на Љупчо Палевски, киднапирања за барање откуп, но најмногу се коментира за грозоморниот чин на првообвинетиот, кој, според неговиот компањон, ги извршил убиствата со леснотија и ладнокрвност. Во коментарите под објавените натписи за судскиот процес, откако ќе се докаже вина, граѓаните бараат доживотен затвор за сите инволвирани.
На следното рочиште, кое треба да се одржи в понеделник, Палевски ќе има можност да се соочи со Манев, поставувајќи му прашања, ќе се обиде да ја побие неговата верзија. Во исказот на Велибор не е целосно убеден поранешниот началник во СВР Скопје, Љубомир Ѓурчески, кој се сомнева дека еден дел од исказот е инструиран преку надворешно влијание.
– Не смееме да ја изземеме неговата одговорност за кривичното дело грабнување, кое е суштината за извршување на убиствата. Внимателно треба да се проучи што стои зад грабнувањето на велешанецот Панче Жежовски, кој, очигледно, бил планирана жртва. Дали е тоа неговиот стар автомобил, кој бил совршен за сценариото на Палчо? Потоа, дали треба да се бара мотивот кај Велибор за долгот од 1.500 евра или, пак, зад сето тоа стои изнудување поврзано со копањето артефакти, во што учествувал Жежовски заедно со обвинетите? – Ѓурчевски го отвора прашањето за грабнувањето на пензионерот.
Поранешниот началник анализира:
– Има една потврдена вистина, а тоа е дека Боре, Велибор и Жежовски заедно учествувале во нелегален ископ на артефакти, има и пресуда за тоа, па тој (Панче) е лесен човек за уцена. Целата организација на грабнувањата Манев му ја препишува на Палевски, а тој и Видевски се ставаат како главни извршители на кривичното дело грабнување. Ако не се впуштиле во грабнувањата, немало да дојде до убиствата и затоа треба да се внимава во утврдувањето на одговорноста на основното кривично дело, а тоа е грабнувањето.
Палевски е човек што, според исказот на Манев, постапил монструозно и е способен за убиство, а тоа се заклучува од зборовите на обвинетиот дека иако барале да го ослободат девојчето, грабнато по грешка, тој, сепак, веднаш извадил пиштол и ладнокрвно пукал.
– Па сега, ако се докаже и ако се најде оружјето со кое е причинета смртта кај жртвите, тогаш тој (Палевски) е најголемиот виновник за монструозните кривични дела убиства на свиреп и помолен начин, за што е пропишана најголема казна – доживотен затвор, но повторувам никако не смееме да ги ослободиме овие другиве од кривична одговорност за грабнувањата, да не се заборават нивните планови, целата таа монструозна конструкција, од планирањето до маркирањето на жртвите, преку наплата на откуп, планот е заеднички – објаснува Ѓурчевски.
Тој потенцира дека мотивот за грабнувањата е чист, но дека тука се убиствата на свиреп и подмолен начин.
– Целата одговорност за Палевски се сведува на искази и тој упорно бара вештачење на друго оружје. Полицијата има запленето два негови пиштоли, но не разбравме што покажало нивното вештачење, дали се употребени тие или е користено друго оружје за убиствата. Сега многу ќе биде важен распитот што ќе го прават Палевски и неговиот бранител, допрва ќе се соочуваат обвинетите во постапката, еден на еден, на пример со прашањето со што докажува Велибор дека пукал Палевски. Затоа сметам дека е клучот во вештачењето на огненото оружје – објаснува поранешниот началник.
Тој се согласува со легитимноста на прашањето дали бил Палевски во минатото дел од некои нерасчистени кривични дела, како уцени на бизнисмени и на политички елити, уште повеќе со сознанијата дека располагал со компромитирачки материјали, кои ги лиферувал и создавал ситуација за пронаоѓање лесни жртви.
Веднаш по судскиот процес во кој сведочеше Манев, кумановецот Зоран Петковски, кој, инаку, е секретар на партијата Десна и кој претходно сведочеше во корист на Палевски, во настап на каналот „Јутјуб“ изнесе тврдења дека дел од обвинетите биле соработници на разузнавачки служби, со цел да се оцрни Палевски.
Во својот исказ, Велибор Манев рече дека не го познавал таткото на девојчето, обвинетиот Александар Ѓорчевски, и оти го дал таквото признание под полициска тортура. Последните зборови на Вања биле: „Од тато не барајте ништо, мама душата ќе ја даде за нас“, по што била ликвидирана со куршум, кој поминал низ перниче, во нејзината глава. (П. А.)