Групацијата 4iG достави писмо за намери до Агенцијата за електронски комуникации за обезбедување достапни радиофреквенции, како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар, како нов оператор во Македонија. Од компанијата информираат дека во текот на следните месеци ќе соработуваат со АЕК за достапноста на радиофреквенциите за да се обезбеди усогласување со регулаторните рамки и за да се продолжи со долгорочната стратегија за развој во регионот.

– Среќни сме што и официјално го започнавме влезот на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија. Го препознавме потенцијалот на пазарот и уверени сме дека нашето искуство во соседните земји, како што се Албанија и Црна Гора, нè позиционира во насока да даваме најсовремени услуги за клиентите и за бизнисите овде. Секогаш кога ќе одлучиме да влеземе на нов пазар, од клучно значење е да имаме и поддршка од регулаторната средина и подобро да ги разбереме локалните услови. Ангажиравме домашни и меѓународни експерти за да направат сеопфатна анализа на пазарот во Северна Македонија и сигурни сме дека нашиот пристап ќе донесе додадена вредност во секторот – вели Пал Заранди, директор за мобилни и 5Г- стратегии во Групацијата 4iG.

Како компанија е посветена на воведувањето напредни технологии како што се 5Г, IоТ и на инфраструктурата управувана од вештачката интелигенција, што ќе ѝ го отвори патот нa Македонија да стане земја со подобра мрежа и со поголема конкурентност.

– Нашето истражување на пазарот покажа големи можности поради достапноста на опсегот на фреквенции и, секако, поради поддршката од регулаторната средина. Достапноста на фреквенцијата е од суштинско значење за градење на мрежата и среќни сме што соработуваме и со локални и со меѓународни експерти за да спроведеме решенија од кои ќе имаат корист сите во Северна Македонија – рече Заранди.

Преку своите подружници, ОНЕ Црна Гора и ОНЕ Албанија, 4iG опслужува речиси 2,2 милиона резиденцијални и 400.000 деловни клиенти низ Западен Балкан.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ