Грубо дистанцирање од Груби – ДУИ во обид за запирање на вртоглавиот пад на рејтингот

1021

„Интегративците“ повеќе не сакаат да ги коментираат прашањата околу избеганиот екс-вицепремиер со образложение дека веќе не е дел од партијата. Дистанцирањето на „интегративците“ од Груби се случува во периодот кога партијата се соочува со падот на рејтингот, а што го покажа и анкетата на „Маркет вижн“, нарачана од МКД.мк., која првпат покажа дека ДУИ има послаб рејтинг од некоја друга коалиција на албански партии по цели 22 години постоење на политичката сцена. За политичките аналитичари ова силно оградување не е ништо друго туку обид да се спасат остатоците од партискиот рејтинг пред локалните избори

Силно и категорично дистанцирање на ДУИ од доскорешниот сопартиец Артан Груби се случува откако против него е поднесена кривична пријава, по која тој ја напушти земјава и најверојатно се наоѓа во Албанија. Од оваа опозициска партија завчера изјавија дека веќе нема да ги коментираат прашањата врзани за нивниот досегашен сопартиец, кој е ставен и на американската „црна листа“. До ова дојде откако вицепремиерот Изет Меџити од редовите на коалицијата Вреди деновиве за албанската телевизија изјави дека „Груби веќе не е во Косово, туку е во Албанија“.

-Нема да коментираме за Груби, тој веќе не е дел од партијата – ова го изјавиле од ДУИ за ТВ 24 на барањето коментар во врска со тврдењата на Меџити.

Груби по ставањето на американската „црна листа“ објави дека се повлекува од јавниот живот, велејќи дека е „чист како солза“ и дека таква одлука донел за мир на неговото семејство и зачувување на личниот интегритет.

Дистанцирањето на „интегративците“ од Груби се случува во периодот кога партијата се соочува со падот на рејтингот, а што го покажа и завчера објавената анкета на агенцијата „Маркет вижн“, нарачана од порталот МКД.мк. Истражувањето спроведено во периодот од 5 до 15 декември, врз 1.200 испитаници, за првпат покажа дека ДУИ има послаб рејтинг од некоја друга коалиција на албански партии по цели 22 години постоење на политичката сцена. На прашањето кога следните избори би се одржале утре, за која политичка партија би гласале, за 5,5 отсто од гласачите изборот е коалицијата Вреди, додека за ДУИ би гласале 5,4 проценти. Политичките аналитичари укажуваат дека ваквото силно дистанцирање е обид да се сочува партискиот рејтинг спроти локалните избори.

-ДУИ, која со години го игнорираше мислењето на јавноста и критиките упатени кон нив, сега се соочува со последиците на тој игнорантски пристап. Долгото избегнување на транспарентност и непочитувањето на американската дипломатија, која често испраќаше сигнали за реформи, доведоа до пад на довербата. Да потсетиме, кога Рамиз Мерко беше ставен на црната листа, ДУИ се однесуваше како ништо да не се случило. Со Груби, работите изгледаа поинаку – прво беше прикажуван како „чист како солза“, а сега се дистанцираат од него како да не постоел. Ова силно оградување не е ништо друго туку обид да се спасат остатоците од партискиот рејтинг пред локалните избори. Но, дали ќе успее? Тоа зависи од тоа дали ќе ја променат суштината на однесувањето или само ќе продолжат со козметички потези. Јавноста веќе не верува во избрзани одлуки, а одговорноста, еднаш игнорирана, секогаш доаѓа на наплата – смета аналитичарот Џенур Исени.

Груби во 2022 година беше сменет од функцијата организоционен секретар во партијата под притисокот на т.н. „огнена група“, а досега је извршуваше функцијата шеф на кабинет на партискиот лидер Али Ахмети.

Премиерот Христијан Мицкоски, вчера, за време на престојот во Гевгелија, рече дека не сака да шпекулира каде е Артан Груби.

-Различни се информациите, не би шпекулирал дали е во Албанија или во Косово. Факт е дека не бил чист како солза. Ако е така, би застанал пред органите на правдата – рече Мицкоски.

Според него, пораките кои ги испраќаат во јавноста ДУИ и СДСМ не се во насока на борбата против корупцијата.

-Ниту едните, ниту другите не испраќаат пораки во насока на одлучна борба против корупцијата и криминалот. Ние за ова алармиравме многу пати во минатото. Ова коалиција што функционираше навистина беше голем заштитник не само на политичкиот туку и на вистинскиот криминал. Сведоци сме сега на една робусна акција на МВР, БЈБ и на СВР Скопје во насока на разбивање на една криминална група којашто со години беше недопирлива за овие институции. Се поставува прашањето како овие кои денеска се обидуваат да дефокусираат, не успеале во изминативе седум години ништо да сторат во оваа насока, а ние можевме за шест месеци. Со оваа Влада граѓаните може да бидат спокојни и безбедни, продолжуваме со нашата одлучна битка за сузбивање на криминалот – рече Мицкоски.

Од друга страна, опозициската СДСМ вчера го повика министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да поднесе оставка заради бегството на Груби.

-Ниту една лажна анкета нема да го покрие срамот на Владата на Мицкоски и Панче Тошковски со бегството на Груби.  Косовската граница е решето, отворена за бегање на криминалци и терористи. Тошковски нема поим каде се наоѓа Груби и после сите скандали треба да си поднесе оставка. На Владата на Мицкоски навистина не ѝ оди добро, она што го ветуваше пред изборите не го испорача, скандали има секојдневно, институциите не функционираат, граѓаните осиромашуваат, цените растат, државата е заглавена и уназадува. Граѓаните тоа го гледаат секој ден и нарачаните анкети не може да им помогнат на Мицкоски и компанија – соопштија од СДСМ.

На ова од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ не треба да се занимава со измислени теми.

-СДС наместо да се занимава со измислени теми за Панче Тошковски нека направи анализа зошто губи 5 спрема 1 на анкетите и зошто огромното мнозинство сметаат дека партијата нема никаков капацитет на промени. Одговорот лежи во Венко Филипче, Зоран Заев, Димитар Ковачевски. Додека СДС ја занимава јавноста со измислени теми, тие не сфаќаат дека станаа гума за спасување на Артан Груби, Ахмети и ДУИ. Толку да се секираше за себе колку што се секира за ДУИ и Груби, можеби ќе одговореа зошто не се оградуваат од криминалот на Ковачевски во истиот случај за кој се сомничи и Артан Груби. Таквата лицемерна политика СДС ги носи на дното на сите анкети кои мерат рејтинг – соопшти ВМРО-ДПМНЕ. (Б.Ѓ.)