Под влијание на плиток циклон кој се наоѓа над нашиот дел од Европскиот Континент, во Македонија, до самиот крај од оваа недела ќе имаме променливо облачно време со честа појава на повремени врнежи од дожд со променлив интензитет.
Во попладневните и во вечерните часови на повеќе места ќе има развој на грмотевични облаци, или нестабилна конвективна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер во зоната на нестабилност. Локално aтмосферските процеси ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и со услови за појава на град.
И во sкопскиот регион за време на овој период ќе има повремен дожд, кој во делови од котлината ќе биде пороен и проследен со грмежи и засилен ветер, а можна е и појава на поинтензивни aтмосферски процеси во форма на невреме.
До крајот на оваа недела локално ќе наврне позначително количество на воден талог (над 35 литри на метар квадратен дожд).
Што се однесува до температурите, тие и во текот на оваа работна недела ќе бидат без поголеми промени и речиси насекаде ќе надминуваат 20 степени, а на повеќе места тие ќе се искачуваат до близу или околу 25 степени, а во Повардарието тие ќе се искачуваат и до околу 30 степени. За време на викендот температурата ќе бележи тенденција на опаѓање, пишува Метеоаларм во најновата временска прогноза.