Грипот зема замав, најмногу заболени се во Скопје

Пикот се очекува на почетокот на второто полугодие

424

Најновиот извештај на ИЈЗ само ја потврдува состојбата на зголемување на бројот на посети кај матичните доктори, според податоците во текот на изминатата недела пријавени се 1.053 случаи на заболени од сезонскиот грип или трипати повеќе од претходната недела. Најмногу грип фатиле децата на возраст од 5 до 14 години, најголема активност вирусот има во Дебар, а најмногу случаи се регистрирани во главниот град. ОД Институтот потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасна заштита од грипот и препорачуваат да се вакцинира целото население, особено повозрасните, бебињата, хронично болните и бремените жени

Враќањето на учениците во училиште веројатно ќе го помести пикот на сезонскиот грип, а матичните лекари се сомневаат дека линијата ќе се помести и поради студениот бран што ја зафати земјава.

Најновиот извештај на Институтот за јавно здравје само ја потврдува состојбата на зголемување на бројот на посети кај матичните доктори, според податоците во текот на изминатата недела пријавени се 1.053 случаи на заболени од сезонскиот грип или за три пати повеќе од претходната недела. Најмногу грип фатиле децата на возраст од 5 до 14 години, вкупно 179, нешто помалку или 144 од случаите медицинска помош побарале родителите на децата до 4 години, чии посети за овој период се зголемиле во споредба со претходната недела. Најголема активност вирусот има во Дебар, а најмногу случаи се регистрирани во главниот град.

„Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој е над неделната граница за сезонска активност за првпат оваа сезона. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има регионална активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10% првпат оваа сезона. Во согласност со овие податоци, Македонија има среден интензитет на вирусот на грип“, констатира ИЈЗ во извештајот за состојбата со сезонскиот грип.

Потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасна заштита од грипот и препорачуваат да се вакцинира целото население, особено повозрасните, бебињата, хронично болните и бремените жени. Досега од бесплатните вакцини се вакцинирале повеќе од 70  илјади граѓани, а на приватно тоа го сториле околу 1.900.

Во болниците каде што се лечат пациенти со пулмолошки заболувања изминатата недела се пријавиле 50-ина со сериозни акутни респираторни инфекции, најмногу на Детската клиника во Скопје, а од компликациите на долните дишни патишта најмногу погодени се бебињата и децата до 4 години.

Случаи на ковид не се регистрирани. Сезонскиот грип се шири и во европските земји каде што е зголемена хоспитализацијата на заболени. Педијатрите препорачуваат учениците кога ќе почнат со настава во второто полугодие да мијат раце, да пијат течности и да внесуваат витамини.

Од болницата за детски заболувања во Козле, за весникот ВЕЧЕР изјавија дека вирусот се пренесува преку кивање или обично зборување, односно преку капки, па голема е веројатноста здравото дете да се зарази ако вдишува воздух што содржи капки кои заразеното дете ги исфрлило. Може да се зарази и со допирање на предмети или површини на кои може да се најдат секрети од носот на заразен, па вирусот може да се пренесе од дете на дете преку прибор за јадење, садови, играчки. Инкубацијата, односно периодот од моментот на инфекција до појавата на симптомите на грип, трае еден до три дена. Симптомите на грип се висока температура и до 40 степени, треска, болки во мускулите, премаленост, кашлица. (П.А)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ