Грипот зема залет, ја наполни Детска клиника

Најмногу новозаболени од грип се деца на возраст од 5 до 14 години

42

Зголемен е бројот на хоспитализирани деца на Клиниката за детски болести поради респираторни и цревни инфекции, информираше вчера директорот Реџеп Мемеди.

– Во овој дел од годината доминираат сезонските вируси кои се почести. И тоа е скоро секоја година во овој дел од годината. Имаме зголемен број на пациенти со респираторни симптоматологии и цревни инфекции кои се третираат на нашата клиника и ја добиваат потребната нега, рече Мемеди и нагласи дека работат со полн капацитет и се обидуваат максимално да направат правилна тријажа и потешките пациенти да ги задржат на болничко лекување.

Од Институтот за јавно здравје во  извештајот за периодот од 30 декември 2024 до 5 јануари годинава се посочува дека е зголемен бројот на заболени од грип. Од вкупно 331 заболени, 101 се деца на возраст од 5 до 14 години и 42 деца на возраст од 0 до 4 години.

Иако според лекарите пикот на сезонскиот грип се очекува во втората половина на месец февруари, сепак празничните дружења и семејните собиранки се главна причина за зголемување на бројот на заболени последниве неколку дена. Кај матичните лекари има зголемување на бројот на посети од пациенти со симптоми на покачена телесна температура од неколку дена, болка во грлото и мускулите. Лекарите порачуваат болните да пијат многу течности и да се јават на лекар, а здравите да водат сметка на хигиената, да избегнуваат контакти и да не излегуваат непотребно на загадениот воздух.

 

ИЗДВОЕНИ