Минатата недела во државата се пријавени 2.726 случаи на групни пријави за заболени од грип, што е за 5,3% помалку во споредба со претходната недела, стои во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
– Најголем број од случаите се на возраст од 15 го 64 години, односно 1.494 лица, 655 кај деца на возраст од 5 до 14 години, 289 кај лица на возраст над 65 години и 288 кај деца на возраст од 0 до 4 години. Заболените се пријавени најмногу во Скопје – 616 лица, по што следуваат Битола, Куманово, Струмица, Штип, Тетово, Кавадарци и 118 лица во Охрид. Во останатите градови има помалку случаи од 100, изјави директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
Споредено со минатата сезона, оваа има поголем број случаи заболени од сезонски грип. Според сведочењата на граѓаните кои го прележаа грипот, симптомите се многу тешки и траат по повеќе од десет дена, од висока температура, долго кашлање, па сè до дијареја.
-Да се следат препораките за превенција, да се избегнува престој во простории кај што престојуваат повеќе луѓе, често да се мијат рацете, да се загреваат просториите за престој и да се проветруваат доволно… Воедно апелирам и кај веќе дијагностицираните случаи да се следат препораките, да останат дома, да не одат на работа, децата да не одат на училиште, да се одмораат, да земаат многу течности и лесна храна, да избегнуваат блиски контакти со членови на семејството… Препораките се во насока да се избегне ширење на грипот и да се заштитат ранливите категории. За среќа немаме регистрирано случај со смртен исход, препорачуваат од ИЈЗ.
Министерството за здравство препорача да се носат маски по болниците и амбулантите, а хронично болните да не излегуваат доколку немаат потреба од тоа. (П.А.)