Поминаа 195 години од раѓањето на Григор Прличев, една од најзначајните личности на 19 век, и тоа не само на македонскиот простор. Големиот поет, кој уште во 1860 година, среде Атина, беше овенчан со лаворов венец и наречен Втор Омир, го споредуваат со Франце Прешерн, Иван Мажураниќ, Петар Петровиќ-Његош, но некои истражувачи истакнуваат дека тој бил далеку над нив. Со поетското дело што го остави, со Автобиографијата, со беседите, со другите дела, со преводите на големите светски епови, со познавањето на италијанскиот, францускиот, грчкиот, турскиот и на други јазици, тој, секако, е личност на 19 век не само во Македонија туку и многу пошироко.
Григор Прличев бил предодреден од Бога да биде не само поет туку и личност на векот. Како што пишува самиот во Автобиографијата, бил „одвај четиригодишен“ кога дедо му му донесол „еден грчки буквар по најстарата метода и“, како што вели, „ме изучи на имињата од буквите; алфа, вита и др. што ги распознав за неколку дена.“ Малку потоа, Прличев пишува: „Дедо ми беше очарован кога му читав. Секоја вечер ми носеше по еден симит од две пари.“
Кога научил да чита, дедо му го однесол кај учителот Апотоле, кому му однесол и подарок – еден салтар (бронзена чинија), локуми и една шарена крпа. Училиштето, како што пишува самиот, било „старо здание кај гробиштата, немаше ни столови, ни клупи, само две долги дебели греди.“ На нив седеле учениците и пишувале на колено. Учителот, кој бил погоден за 300 гроша годишна плата, седел и шиел. „Кон пладне заповедуваше: ‘Спијте’, нè редеше еден до друг, ни ги опираше главите на гредите и ни тураше на десното уво по едно камче, за да не мрдаме. Горко на оној што би му паднало камчето! По тој начин, учителот, доволно сит и напоен, спиеше блажен сон.“
Ете такво било учењето во тоа време. На неразбирлив туѓ (грчки) јазик, во несоодветни услови, од страна на необразовани учители, кои немилосрдно ги тепале учениците и тоа се сметало за нормално. И Прличев бил тепан, а кога се пожалил на мајка му, таа му рекла: „Даскал е тој, ќе тепа, ја.“ Потоа му се пожалил и на дедо му: „Никој пат даскал не тепа“, рече дедо, „без кабает. Безбели ти си му згрешил нешто. Но и ако не си згрешил, нема ништо, синко.“
Затоа Григор решил да не оди на училиште, а за да не ги обеспокојува домашните, особено деда си, кој бил болен, се преправал дека оди на училиште, „а се криев во урнатините на градската тврдина и таму читав и се радував на природата, додека да се пуштат учениците. И така секој ден во вообичаените часови, си ги земав книгите, а наедно со нив и некој од оние елинско-црковни ракописи на пергамент книги што ги читав така слободно како печатените.“
Особено значаен ден во животот на Григор Прличев е доаѓањето на Димитрија Миладинов за учител во Охрид. „Како за утеха на поминатите несреќи, Митре Миладинов дојде да учителствува во Охрид. Он се смести во дедова ми куќа заедно со својата млада невеста. Меѓу десетте учители што се изменија през моето ученикување во Охрид, ниеден не им беше толку полезен на учениците колку Миладинов. Он во секоја постапка имаше нешто привлечно. Речта му течеше од устата како мед. Свештен оган му гореше во очите.“
Прличев многу го засакал учењето. Но станала гладна година поради што мајка му му предложила да оди на занает. „Тогаш се расплакав. Никако не ми се сакаше да го оставам училиштето. Одвај тогаш почнав да се насладувам на непостижимите Омирови убавини.“
Прличев го зафатила меланхолија. „Верно е меѓутоа дека тогаш се ми беше омрзнало. Не љубев ништо на светот освен Омира и мајка и Богородица пред која се поклонувавме. Нито доброутро му велев некому. Се чудев како можат луѓе да живеат во таа плачевна долина. Постојана мисла ми беше: совршенство или смрт.“
Со парите спечалени од едногодишното учителствување во Тирана, решил да оди на школување во Атина. Тогаш, всушност, се нашол во голема дилема, каде да оди и што да учи. „Тогаш ми се решаваше судбината. Не се најде ни еден да ме посоветува да одам во Русија. А пак тогаш само името на Атина и Јанино звучеше у нас. Покојниот Атанас Групчев, тогаш најучениот маж, којшто како роднина мој имаше најголемо влијание над мене, ме посоветува да ја пригрнам медицината. Да го исповедам и тоа; одев во Атина не само за да се учам, но и да се излекувам, зашто мислев дека нема по светот подобри од атинските доктори, како што нема по светот поет подобар од Омира. Инаку можеби и мајка не би ме пратила.“
Во Атина, приемниот испит го положил лесно. На испитот по елински добил „едночудо пофалби и степен најодличен, извонреден“. Но бидејќи не бил предодреден за медицина, често пишувал стихови, ги истакнувал на таблите на универзитетот и слушал пофалби. Прличев бил роден за поезија, а не за медицина.
Во Атина, Прличев не ги сакал своите соученици, зашто во секоја нивна постапка гледал гордост. Навистина тие се наведнувале над неговите ракописи за да си ги препишат, но заради неговата сиромаштија, што се гледала и од неговата облека, на него гледале со презир. Кога минувале костурските мајстори покрај Универзитетот и си зборувале на свој мајчин јазик, неговите соученици велеле: „Еве ги идат воловите“. Тоа многу го погодило. „Ми се кинеше срцето. Навреден во народното честољубие тлеев од гнев и не можев да го излеам…“
Во август 1859 година, Прличев по втор пат заминал за Атина. Во тоа време веќе работел на поемата „Сердарот“. Следната година победил на конкурсот за поема, се закитил со лаворовиот венец и се стекнал со називот „Втор Омир“. Сиромаштијата пак го притискала, но повеќе од тоа, омразата на атињаните кон него, „омраза што од ден на ден се зголемуваше. Тие ме љубеа многу и многу повеќе од сина и брата додека се надеваа во своето срце ќе им дадам место на грчките идеи, на елинскиот дух. Но кога видоа дека јас ја љубам народноста своја повеќе од својот живот, сите како по спогодба, ме изоставија. Никој мој пријател, ни соученик ни сотатковник не ме поздравуваше. Еден само, Јаким Сапунџиев ми остана верен. Со него често се разговаравме за татковината.“
За Прличев, додека се наоѓал во Атина, поразителна била веста за смртта на Миладиновци. Таа вест била причина сè да остави и да се врати во татковината. „Еден ден ѓаконот на руската црква во Атина со нажален глас ми рече: ‘Погинаа во цариградските темници браќа Миладиновци, и… можеби се отруени. Тоа го читав денес во списанието Дунавски лебед’. Останав како статуа неподвижен и безодветен, но моето срце го колнеше грчкото духовенство. Си ги прибрав рабоќето. Поемата ‘Скендербег’ му ја оставив на г-н И. Сапунџиев, го помолив да и ја предаде на комисијата не подоцна од 13 февруари и тргнав со тврдо решение да гинам или да одмаздам за Миладиновци.“
Во својата Автобиографија, Прличев сведочи дека уште во 1861 година го започнале со Јакима Сапунџиев, како што вели самиот, „народниот подвиг“. Грцизмот во Охрид од векови беше се вкоренил и сè растел и растел. Кирилицата во Охрид им била позната само на тројца и се викала српска азбука. „Обвинителите на Миладиновци тогаш скоро наградени со ордени беа во највисоката степен на својата слава и на своето влијание.“
По клеветите на владиката Мелетија и неколкумина гркомани од Охрид, Прличев бил приведен и затворен. Пред да биде испратен во дебарскиот затвор, му понудиле веднаш да го ослободат ако се откаже од борбата за воведување на народниот јазик во училиштата. „Подобро смрт!“, рекол Прличев.
Во поодминати години, Г. Прличев со гроза се сеќавал на образованието што го имал во детството. Затоа со сите сили се борел за подобро образование, за образование на мајчин јазик, за образовани учители, за солидна програма. Се радувал за постигањата во образованието, за отстранувањето на грчкиот јазик од наставата и од црквата, за воведувањето на народниот јазик, за зголемениот број учители и ученици, за збогатената програма соодветна за секое одделение итн. Прличев правел разлика меѓу поранешното и тогашното образование. „Таја разлика, мили мои браќа, е толко голема, колкото небото е далеко од земјата, колкото светлината е почетна од темнината.“
За квалитетно образование, Прличев водел вистинска борба со многу жртви. Во проповедта држана во Охрид на 22 јуни 1883 година, тој вели: „Ние сме се бориле, и пак ќе се бориме. Деца што се учеет в’овие последниве години, биле на Велигден родени“, вели тој мислејќи на квалитетот на образованието.
„Напред се учехме на грцкиј и ничто не разбирахме; а сега и најмалото детенце разбира все что му казва учителот. Напред немаше програма: учителот преподаваше что сакаше и како сакаше. Сега е определено кому колко се предава и како да се предава. Сега е точно означено что требва да се учат првогодишните ученици, что треба да се учат второгодишните, и что треба да се учат третогодишните ученици итн. Сега товарот е според возраста и според силата на ученикот. Напред немаше почти никој другиј урок освен грцкиј: а то беше много погрешнио и убиствено. Ако сакаш да го збудалиш ученикот, преподавај му един само предмет: учи го само јазик или само Числителница, и ете ти го ученикот ќе се збудалит: писмено ти го давам че нема да стане човек. Сега не е така. Напред сам един учител преподаваше на четири класа или отделенија, сега секој клас или отделение си има свој отбашка учител.“
Прличев вели дека „големо зло е да верува човек дека еден учител може да предава на четири класа. „Ако преподава на 4 класа преподаванието му ште биде недостаточно, ште биде кусо: кусо и куцо.“ Во оваа прилика сакајќи да го илустрира кажаното тој раскажал една историја, односно една анегдота од Шпанија: Еден шпански селанин однесол кај терзијата 4 аршина штоф и прашал: дали излегвит едно рутишче од таја свита? -Да, му рекол терзијата, оваа свита е токму за едно рутишче. -Аир, рекол селанецот! Уверен сум дека излегуваат 4 рутишча.. -Да, му рекол терзијата, излегуваат и 4 рутишча.. Селанецот му рекол да ги направи четирите рутишќа и си отишол радосен дека од 4 аршини свита ќе му направи 4 рутишча. Терзијата од материјалот направил четири палтенца како за мали дечиња. Палтенцата беа да ти е мило да ги гледаш. Но кога ги видел селанецот се тргнал назат ужаснат и ниту облеката ја земал ниту му плаќал за работата. Ете ти после давии цели месеци Така, вели Прличев, учителот може, не оти не може да предава на четири класа. Но предавањето ќе биде кусо, многу кусо. Со еден збор денешниот училишен ред е толку далеку од старовремениот колку исток од запад.“
Прличев бил огорчен од оние богаташи што не го помагале училиштето. „Има богати луѓе“, вели тој, „којшто не сакаат да дадат, но има сиромаси които за учение даваат си кошулата. Но зошто богатите не даваат? Зачтото нихните чеда си се намирени. Едни си се учат во Софија, други во Филибе, други во Солун, други во Атина, други во Виена. Не надевајте се на нив.“
Така, Прличев бил револтиран од оние што повикувале против училиштата. „На други места“, вели тој, „таков човек го носат право на бесило. А в Охрид през оваја година пет пати се клало клјуч на училиштата. Како претрпевте вие това? Мртви ли сте? Како не ви е грех? Охрид наполнил светот со учители, а вие затварате училиштата. Училиште ли да се затвори? Тоа е најголемата злочестина, то е народен плач. Тако ми свјатаго Климента полесен грех е да се затвори св. Климентовата црква, а да се затвори училиште, то е смртен грех, грех никога неопростен.“
Прличев бил многу лут на тие што ги клеветеле учителите и училиштата. „Ако сакате да убиете Узуна, убијте го, но не клеветете го. Ако сакате да убиете учителката Сандра, убијте ја, но не клеветете ја. Ако сакате да убиете мене, простена да ви биде крвта моја и пред бога и пред луѓе, но само на училиштата не пречете.“
Прличев им бил лут на владиката Натанаил и на охридските првенци затоа што го запоставиле образованието, а него, како заслужен учител, го прогонувале и не му го плаќале заработеното. „Барам ли од вас нешто повеќе од ѓунделакот (заработеното), вели тој“, и додава, „ако народот беше развит, то би ми воздигнал (не се срамја да го река) монумент.“ Бил лут и очаен затоа што охридските првенци ладнокрвно изјавувале дека не се поставени од градот да се грижат за училиштата. „Дури и кај дивите народи, господа, така ли се наградува човек кој ги презрел и славата и богатството за да и служи на татковината, и кој за неа претрпел страшни прогонства од туѓото духовенство?“
Со големи надежи, Прличев го пречекал владиката Натанаил, му испеал и песна, но набргу се разочарал. Овој не се покажал како раководител, туку него го раководеле, не покажувал интерес за училиштата, за учител донесол некој свој љубимец, „пратен и платен од Србија кој славел се што е српско и буквите ћ и Ђ ги воведе во училиштето.“ Резултатот бил: „Уште во првата година на Натанаиловото владикување, училиштето се разори, учениците се распрснаа.“ Затоа Прличев три пати му рекол „да си даде оставката ако љуби Охрид и цела Македонија“, а тој не само што се оглушил кон тоа туку и се здружил со противниците на Прличева и го избркал од градот. Подоцна, во Автобиографијата, Прличев пишува: „Колку чудно е што татковината којашто никогаш и никаде не ги оценува своите синови и грчкиот владика Мелетија, најнепомирливиот мој непријател, цели осумнаесет години ги трпеле моите лекции, проповеди, опомени и укори и никогаш не ме паделе, – а првиот бугарски митрополит, очекуваниот месија, бесчесно го нападува Прличева од неговата татковина.“
Затоа во писмото до владиката и до охридските првенци Прличев завршува со опомената: „На Вас и вашите чеда да биде клетвата на потомците, не што со глад го утепавте служителот на Музите и на татковината, туку што го расипавте делото создадено пред осум години со голем труд и со жртви.“
Прличев често се повикувал на свети Климента, како на учител за пример. Притоа се прашувал зошто свети Климента го почитуваат и го празнуваат повеќе од 100 милиони Словени. „И тој е роден од смртни родители, и тој е како нас од мрша и крв и тој е потчинет на страсти? Го почитуваат и слават поради неговите дела“, вели Прличев. „Поради грижата што ја имаше не само за стадото, туку и за просветување на сите Словени. Тој се грижеше за своето стадо како таткото за чедата. Тој не оставаше во стадото да му влезат волци пропагандисти да го мамат стадото да си трати верата и народноста. Вечен закон е чесното да се честит, а лошото да се мразит. Според важноста на делата добар пастир не е подолен од царевите. Како може да биде чиста водата кога изворот и е нечист. Ете зошто секаде го почитуваат и слават св. Климента“.
Григор Прличев е автор на „Хилјада и седемстотин шездесет и второ лето“, песна што има важно место не само во неговото творештво туку и во историјата на македонскиот народ. Оваа песна, како што пишува во Автобиографијата, за прв пат се испеала од работниците при искоренувањето на старото и садењето на новото лозје. „Солзи потекоа од очите на гостите, не толку од вредноста на стиховите колку од страста со која се испеаја. Таа песна ни помогна во искоренувањето на грцизмот многу повеќе од сите наши прежни подвизи.“ Прличев е автор и на други песни што се пееле, а како што кажувала ќерка му Деспина, особено навечер и кога ќе испиел чаша вино, со задоволство пеел народни песни, особено: „Вишничица род родила“, „Нели сторифме, Јано, вера и клетва“, „Одавна ли си девојче калуѓерица“, „Високо стоиш, ѕвездо ле, далеко пулиш’ и др. Сето тоа зборува дека тој ја сакал народната поезија, ја анализирал, од неа се инспирирал. Во „Слово за прекрасните уметности“, кажувано кога бил професор во Габрово, ја анализирал песната „Јана и сонцето“. Оваа песна што е објавена во Зборникот на Миладиновци под број 16, содржи трајни пораки дека „добродетелта е повредна од убавината“. „Како ви се гледа, господо?“, рекол тогаш Прличев. „Во странската поезија можете ли да сретнете песна толку возвишена, толку богата со поуки?“
Зборувајќи натаму за вредностите на народната песна, Прличев истакнал: „Ние господо сме навикнале да ги презираме и селаните. Нив не треба да ги презираме; напротив, тие си имаат премудра учителка, којашто срдечно ги љуби и како мајка ги раководи и тие го познаваат нејзиниот глас и нејзе и се послушни. Нивната учителка се вика народна поезија. Таа е најдобриот педагог на светот. Кажаната песна точно составена е од селанка. Додека ја составила таа употребила многу години од својата младост, колку ли само размислувала, ја разубавувала песната и колку ли многу солзи излила. И затоа секој стих е бисер и тежи повеќе од злато и алмаз.
Таа (селанката) не може да го чита Евангелието. За неа (народната) поезија е Евангелие. Како сирак што го изгубил таткото, ја насочува целата љубов кон мајката, како човек што го изгубил едното око, целата сила од изгубеното око ја префрла на здравото. Така исто и селанецот лишен од светилникот на науката, го обожува единствениот скапоцен светилник што го наследил – светилникот на поезијата и пред него се поклонува. Затоа господо треба секогаш и секаде да проповедаме љубов и почит кон народната поезија и така да ја исчистиме грозната краста на пороците, кои како наследство ни останаа од петвековното ропство и да станеме полезен народ и за себе и за ближните и да им спомогнеме на нашите браќа што стенкаат под ропство.“
Прличев верувал во подобро образование во иднина. Во „Слово за св. Кирила и Методија“, говорено во Солун, тој укажува дека солунската гимназија ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци „што ќе бидат светила на нашите училишта, ќе бидат благолепие на нашите цркви, ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име. Амин.“
П.С. Да сме држава како што треба, уште отсега треба да започнат подготовките за одбележувањето на јубилејот двесте години од раѓањето на Григор Прличев, кој треба да се случи по пет години (2030). Да се состави одбор за прослава, да се распишат конкурси за литературни, ликовни, музички дела во врска со Прличев, да се снимаат филмови итн. И да не заборавиме дека таа 2030 година се навршуваат двесте години и од раѓањето на Константин Миладинов. Ете, колку да потсетам, зашто веќе навикнавме да се сеќаваме отпосле и сè да правиме набрзина. Затоа и резултатите ни се вакви какви што се.
Проф. д-р Марко Китевски