Согласно регулативата, снабдувањето со топлинска енергија по правило завршува на 15 април. Меѓутоа, грејната сезона може да биде продолжена, до 30-ти април, во зависност од временските услови.
– Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°Ц според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РСМ – информираат од АД ЕСМ.
Ова се однесува за потрошувачите приклучени на системот на централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика.
За информации, рекламации или пријави на дефекти, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи.